Дискусија: Неопходен е редовен дијалог меѓу граѓанските организации и владите за владеењето на правото
Граѓанските организации се вклучени и може да бидат вклучени во многу механизми и дијалози воспоставени од ЕУ, но редовен дијалог помеѓу нив и владите е неопходен во полето на владеењето на правото. Европската Унија исто така при следењето на напредокот и исполнувањето на обврските на земјите кандидатки за членство, но и на земјите членки треба да се консултира со кредибилните граѓански организации и нивните извештаи базирани на докази.
Ова беа дел од заклучоците од вчерашниот дијалог за политики за владеење на правото „Мониторинг на владеењето на правото за земјите-членки на ЕУ и кандидатите: Премостување на јазот“ организиран од Институтот за европска политика (ЕПИ).
Настанот го отворија шведската амбасадорка во земјава Еми Ларсон Џаин и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ кои истакнаа дека е важно фокусирањето на кластерот „Темели“ и дека враќањето на довербата во правосудниот систем е главниот предизвик на патот кон ЕУ.
Панелот составен од Керолин Џонсон од Eвропското партнерство за демократија од Брисел, Милена Мук од Институтот Алтернатива од Подгорица, Арбреша Лоџа Стубла од Групата за правни и политички студии од Приштина, како и Денис Прешова од Правниот факултет Јустинијан Први заклучи дека е потребно да се гледаат резултатите од реформите во правосудниот сектор, а не само донесените мерки и чекори.
Извештаите на Европската Унија за владеењето на правото треба да бидат поинклузивни и транспарентни и да се оценува реалната имплементација, а не само донесените мерки. Поставените одредници не секогаш успеваат да ја доловат суштината на она што е потребно во однос на реформите.
Од истакнатите примери се заклучи дека човечкиот фактор е најважната алатка во владеењето на правото и борбата против корупцијата, бидејќи тоа се сепак општествени проблеми, а не само институционални.
Дијалогот за политиките за владеење на правото беше организиран од страна на ЕПИ во рамките на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“ финансиран од Европската Унија.