Во време на засилен фокус на проширувањето на Европската Унија и имплементацијата на Планот за раст за Западен Балкан, Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје на 8 јули 2025 година ја организираше традиционалната конференција Форум Еуропеум.
Настанот го отворија директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, Бен Нупнау, заменик шеф на мисијата во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија и Н.Е. Пернил Далер Кардел, амбасадорка на Кралството Данска, кои ја истакнаа важноста на регионалната соработка, новиот замав на проширувањето и стратешките приоритети на ЕУ.
„Целта ни е да градиме мостови меѓу клучните гласови за ЕУ и проширувањето“ истакна Кацарска, потенцирајќи дека ова е јубилејна 15 година како ЕПИ го организира Форум Еуропеум.
Заменик амбасадорот на ЕУ повика на консензус и користење на моментумот.
„Постои консензус за проширувањето и сега е важно да се искористи моментумот. Планот за раст обезбедува подобра интеграција на земјите од регионот. ЕУ е на ваша страна. Планот за раст доаѓа со транспарентност каква што сме немале досега“ истакна Нупнау.
Амбасадорката на Данска истакна дека кога се зборува за проширување, се зборува всушност за безбедносна политика.
„Данска сака да го усогласи своето претседавање со Советот на ЕУ со климатските цели и приоритети за проширување“ истакна Далер Кардел.
На првиот панел, посветен на моменталната состојба во врска со проширувањето на ЕУ говореа амбасадорот Андреј Лепавцов, државната советничка во МЕП Христина Конеска-Бероска, Лукаш Мацек од Институтот Жак Делор од Париз, Берта Лопез Доменеч од Европскиот центар за политики од Брисел и Изабел Јоанидес од ЕЛИАМЕП.
„Сите оние шокови што ја погодија ЕУ, почнувајќи од мигрантската криза, војната во Украина, но и односите со САД, направија проширувањето да стане цел на ЕУ. 2025 е еден неславен јубилеј за нас, тоа се 20 години кандидатски статус“ истакна Лепавцов.
Конеска-Бероска истакна дека Северна Македонија е најдолго во процесот на проширување.
„Реформите што се дел од реформската агенда не се нови барања. Особено е важна и инклузивнoста; граѓанскиот сектор и академската заедница треба да бидат вклучени“ истакна таа.
Лукаш Мацек од Институтот Жак Делор изјави:
„Скопје не е местото каде што треба да објаснувам колку е комплицирана врската на Франција со процесот на проширување. За Франција големото прашање за проширувањето е глобалната позиција на ЕУ. Тоа се промени драстично по руската агресија врз Украина. Промената беше поради две идеи: сивите зони и кредибилноста. Доколку ЕУ нема доволно влијание врз регионот, како би можеле да очекуваме да имаме подобра позиција глобално“ вели Мацек.
Изабел Јоанидес од ELIAMEP рече:
„За Планот за раст сум оптимист. Генерално, сметам дека е ветувачка иницијатива и потенцијално би можела да биде трансформативна. Тоа е нешто што ние, експертите и тинк-тенковите, го побаравме од ЕУ. Мислам дека е позитивно што имаше одговор од ЕУ по ова прашање. Овој План за раст има за цел да помогне во интеграцијата. Ќе ги намали трошоците за прилагодување. Втора поента е дека Планот за раст би можел да го трансформира односот и комуникацијата меѓу ЕУ и овој регион. Планот за раст ги стави владите на регионот во позиција на одговорност. Парите од овој План за раст не се доволни, а тинк-тенковите го критикуваа тоа. Идејата е да се привлечат странски инвестиции, а не само финансиска помош. Постои признание дека проширувањето е безбедносно прашање, но исто така ќе биде катализатор за демократски реформи. Постои потреба од посветеност за интеграција, бидејќи има многу случаи кога на регионот ќе му требаат многу години за да се прилагоди на земјите од ЕУ, затоа регионот треба да се фокусира и на реформи надвор од Планот за раст.“
Берта Лопез Домeнеч од ЕПЦ посочи:
„Различни земји притискаат за проширување, некои за земјите од исток, некои од нив за Западен Балкан, а некои од нив сè уште се скептични.“
На вториот панел, посветен на владеењето на правото како клучен столб на темелите и преговорите за пристапување во ЕУ говореа судијката на Врховниот суд Мирјана Лазарова Трајковска, советничката во Министерството за правда Александра Цветановска, директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Ирина Трајкоска Стрезоски и извршниот директор на Коалицијата „Сите за правично судење“ Дарко Аврамовски.
Мирјана Лазарова Трајковска истакна дека:
„Судија кој што има интегритет, кој што се залага за владеење на правото нема да дозволи да му влијае притисокот на јавноста. На секој судија водилка треба да му биде правото. Почитувањето на пресудите од ЕСЧП не е само почитување на правото, туку и на почитувањето на фундаменталните права.“
Александра Цветановска посочи дека:
„Министерството работи транспарентно и интензивно, во јуни сите закони од Реформската агенда во дадениот рок беа влезени во законодавна постапка. Од 8 закони предвидени со реформската агенда, 7 се во владина постапка.“
Ирина Трајкоска Стрезоски ги објасни почетната и континуираната обука за кандидатите на Академијата за судии и јавни обвинители и ги образложи европските вредности кои се вметнати во тие обуки, а за кои се подготвуваат идните судии и јавни обвинители да ги применуваат.
Дарко Аврамовски ги истакна недостатоците во правосудниот сектор, имено, одложувањето на судските рочишта, недостатокот на образложенија во судските пресуди и други аспекти кои придонесуваат кон судската неефикасност и ниското ниво на доверба на граѓаните во судството.
Настанот е организиран во рамки на проектот „Градиме мостови за заедничка иднина: Владеењето на правото во насока на пристапувањето во ЕУ“, спроведен од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје и финансиран од Европската Унија.