Извештај за владеењето на правото на ЕК: Недоволна независност на правосудството

Европската комисија го објави својот шести по ред Извештај за владеење на правото, а втор за неколку земји кандидатки – Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија. Минатогодишната најава за внесување на други земји кандидатки во овој инструмент не се исполни, ниту пак беа воведени препораки за земјите кандидатки како што е случајот со извештаите на земјите-членки.

Од оваа година, како што беше наведено во политичките насоки на претседателката Фон дер Лајен, Комисијата дава посебен акцент на димензијата на Единствениот пазар, следејќи ги случувањата во земјите-членки.

Овој годишен извештај ја оценува состојбата на владеењето на правото во сите земји-членки на ЕУ и има цел да ги поддржи земјите кандидатки во нивните реформски напори. За разлика од другите инструменти на владеењето на правото, како што е постапката за прекршување и членот 7 на ДЕУ за суспензија, овој инструмент го користи првенствено дијалогот како метод и е насочен кон зацврстување на принципот на владеење на правото во земјите-членки и одредени земји кандидатки.

Како и претходните години, извештајот се фокусира на четири главни столбови:

  1. Правосудни системи
  2. Антикорупциски рамки
  3. Слобода и плурализам на медиумите
  4. Институционални прашања поврзани со кочници и рамнотежа.

Оценки за Северна Македонија

Како и претходната година, извештајот нотира недоволна независност на правосудството, што сега се должи на „мешањето и притисокот од другите државни гранки кои предизвикуваат сериозна загриженост“. Државата продолжува да ги спроведува реформите во оваа област и се забележуваат напори за подобрување на транспарентноста и изготвување закони во насока на зголемување на независноста на судовите и јавните обвинителства. Сепак, како загрижувачки настани се наведуваат постапката за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, одредени одлуки за назначување, како и генерално ограничените финансиски и човечки ресурси на правосудството.

Се повторува оценката од минатогодишниот извештај за незадоволително спроведување на Националната стратегија за борба против корупцијата, како и негативниот ефект на измените на Кривичниот законик од 2023 година, кои особено влијаат на гонењето на случаи на корупција на високо ниво. Се забележуваат напори во истражувањето и гонењето на корупцијата, но „одложувањата на судските постапки и ограничените ресурси продолжуваат да го попречуваат воспоставувањето солидна евиденција за случаи на корупција на високо ниво“. На Државната комисија за спречување на корупцијата и се забележува намалена активност во откривањето и пријавувањето на потенцијални случаи на корупција. Општо се смета дека постои висок ризик за корупција, особено во областите на здравството и јавните набавки, а политичкото влијание во борбата со корупцијата се смета за загрижувачко.

Старите проблеми во однос на финансирањето и транспарентноста на сопственоста на медиумите поттикнаа повторена критика во таа насока. Во оваа област се забележува подобрена финансиска независност на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и зголемување на финансиите на јавниот радиодифузен сервис. Од друга страна, критиката од медиумските експерти и граѓанското општество на повторното воведување на рекламирање финансирано од државата се пренесува во овој извештај, како и незадоволителните услови за работа на новинарите.

Во однос на системот на кочници и рамнотежа, како позитивен исчекор се наведува спроведувањето на новиот Деловник за работа на Собранието, но остануваат предизвиците во однос на примената на принципот на избор врз основа на заслуги при назначувањата направени од Собранието. За разлика од минатата година, има одреден напредок во соработката на Владата со граѓанското општество, но се уште има недостатоци при инклузивното креирање политики засновани на докази. Во однос на Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, се повторува оценката за недостаток на финансиски и човечки ресурси.