Дебата: Како да се подобри врската меѓу политиките и истражувањата во Северна Македонија?

Институтот за европска политика организираше панел дискусија „Како да се подобри врската меѓу политиките и истражувањата во Северна Македонија?“ што послужи и како настан за промоција на „Годишникот за европско право, политики и институции“, како и форум за да се соберат чинителите од академската заедница, истражувачите на политики и институциите да дадат идеи за унапредување и негување на соработката.

Панелот беше отворен од директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, која ја потенцираше важноста и потребата за соработка помеѓу различните актери во истражувачката дејност, но и креаторите на политики. Д-р Билјана Котевска го презентираше Годишникот, неговата содржина, како и авторките и нивните полиња на истражување. Во панел дискусијата учествуваа проф. Јелена Џанкиќ од European University Institute од Фиренца, проф. Арта Селмани од Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово и проф. Јадранка Денкова од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Тие зборуваа за врската помеѓу креирањето на политики и истражувањето за политики, како и искуствата од нивните универзитети.

Во 2020 година, ЕПИ во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип и Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово ја формираше истражувачката група „Европско право, политики и институции“. Истражувачката група помага во соработката, размената на искуства и овозможува градење на мостови помеѓу различни чинители, истовремено подобрувајќи го потенцијалот за влијание и затворајќи го јазот помеѓу академската заедница и истражувањето на политики. Групата се фокусира на истражувачи од академски институции и истражувачи од организации за истражување на политики (тинк тенкови), како и на независни истражувачи. Групата спроведува различни активности, вклучувајќи одржување настани за дискусија и поттикнување јавен дијалог преку отворање помалку дискутирани прашања поврзани со пристапувањето во ЕУ, истражување и застапување, вмрежување и олеснување на контактите помеѓу релевантните засегнати страни и објавување на резултатите од истражувањето и исходите од дискусијата во различни формати. Помеѓу најважните публикации на групата е „Годишникот за европско право, политики и институции“.

Comments are closed.