ЧЛЕНСТВО ВО ЕУ: ПРЕГОВОРИ БЕЗ ПРЕГОВОРИ

Сеп 11, 2020

naum.lokoski

Осврти

0

Додека целата македонска јавност е возбудена за одамна очекуваниот и сѐ поизвесниот почеток на преговори за членство во ЕУ, едно од најчесто поставуваните прашања е колку ќе траат преговорите. Тоа во моментов никој не може да го предвиди. Меѓутоа, вреди да се потсетиме што всушност претставуваат преговорите за членство во ЕУ и од што зависи нивното траење.

Примарното правото на Унијата не споменува буквално преговори. Еден член се однесува на условите и постапката за членство (член 49 од Договорот за Европската Унија). Условите изгледаат едноставни – државата што бара членство да е европска земја и да ги почитува демократските вредности на Унијата. За постапката само се вели дека условите за прием и прилагодувањата на Договорите врз кои е основана Унијата, ќе бидат договорени меѓу земјите-членки и земјата-апликант, кој пак сите држави членки треба да го ратификуваат. Фразата „ќе бидат договорени“ всушност го содржи целиот процес на преговори меѓу Унијата и апликантот.

Кога велиме „преговори“ вообичаено мислиме на процес во кој две страни се договараат за да постигнат некоја заедничка цел – договор. Но, во случајот на пристапувањето во ЕУ од едната страна ги имаме државата која сака членство, а од другата – сите членки на ЕУ, претставени преку институциите на ЕУ. Вообичаено,  во преговори претпоставуваме дека имаме две рамноправни страни. Тоа никогаш не било случај во преговорите за членство во ЕУ, дури и кога се работело за моќни апликанти или групи на апликанти. Оттаму, станува збор за процес во кој едната страна – ЕУ е во посилна позиција. Таа е „клубот“ во кој апликантот сака да пристапи и страната што всушност ги поставува условите за членство.

Одлуката, во крајна линија, е политичка – сите држави членки треба да се сложат дека сакаат да го примат новиот член.  Впрочем, тоа ние најдобро го осетивме на сопствена кожа уште одамна пред одлуката за почеток на преговорите. Од друга стана, нивото на исполнување на објективните услови за членство значително влијае на кредибилноста на една држава да стане членка.

Пристапот на ЕУ и флeксибилноста во преговорите во голема мерка зависи од тоа дали новите апликанти се земји со развиена демократија и дали нивниот влез ќе влијае позитивно или негативно на Буџетот на ЕУ (или со речникот на ЕУ: дали ќе бидат нето контрибутори или нето приматели на Буџетот).

Да го земеме примерот на групата држави од ЕФТА – Шведска, Австрија и Финска, како разиени демократии и економски развиени држави. Тие станаа членки во 1995 година, по само една година преговори (кои почнаа во март 1993 година), а во неполна година заврши процесот на ратификација. Дури, Норвешка, која беше дел од овој „пакет“ на референдум реши да не пристапи, и покрај согласноста на ЕУ. Исланд, пак, кој почна преговори во 2010, една година по поднесувањето барање за членство, се откажа од кандидатурата во текот на преговорите, а ЕУ секако дека би го поздравила нивното враќање на преговарачката маса.

Наспроти овие примери, значително е подолго времето на преговори за државите  кои немаат традиција на парламентарна демократија. Од почетокот на преговорите до пристапувањето изминаа четири до седум години за државите од источната група, а осум години  за Хрватска, која успеа да се издвои од групата на Западен Балкан. Црна Гора и Србија преговараат веќе осум односно седум години, а не се ни на половина пат во преговорите. Ако се земе предвид времето од поднесувањето барања за членство до членството, периодот е многу подолг.

Разликата ја чини политиката на условеност која ЕУ ја примени кон државите од Источното проширување, а сега станува уште посложена за Западниот Балкан. Оттаму, преговорите за државите од нашиот регион сѐ повеќе се процес во кој се утврдува како државата која бара членство ќе ги исполни, и дали ги исполнила условите за членство. Или, преведено на вообичаенот речник – дали и како ќе се спроведат реформи потребни за членство во ЕУ.

Во крајна линија, успехот и времетрењето на преговорите ќе зависат од делотворноста на политиката на условеност, од една страна,  како и од апсорпциониот капацитет на ЕУ – од друга страна.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска, Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.