Србија и Косово меѓу САД и ЕУ

Сеп 16, 2020

naum.lokoski

Осврти

0

Договорот или како што ЕУ го нарекува „договорените документи“ на Србија и Косово со посредство на американскиот претседател Трамп од почетокот на овој месец предизвика низа реакции во меѓународната јавност. Се поставија прашања дали воопшто може да се зборува за договор и каква ќе биде неговата валидност.  Регионот, пак, не пропушти на анегдотален начин да ги прокоментира фотографиите од Белата куќа, со значителна доза на југо-носталгија.

Ние овде го разгледуваме единствено значењето на договорот односно „договорените документи“ за евроинтеграцискиот процес на Србија и на Косово.

Три дена по потпишувањето во Белата куќа, на 7 септември оваа година, Вучиќ и Хоти се најдоа на состанок со комесарот за заедничка и надворешна политика на ЕУ Борел во Брисел. Од средбата, или поточно уште пред средбата произлезе кусо заедничко соопштение на Вучиќ и Хоти, а изјави дадоа комесарот Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот Белград – Приштина Мирослав Лајчак. Од нив можат да се извлечат две клучни пораки на ЕУ.

Првата: дијалогот Белград – Приштина да се врати под европско водство.  Затоа во заедничката изјава Вучиќ и Хоти „му потврдиле на комесарот“дека за нив „најголем приоритет е интеграцијата во ЕУ и продолжувањето на дијалогот Белград-Приштина, олеснет од ЕУ, како клучен елемент на нивните соодветни патишта во ЕУ“.

Претставниците на ЕУ дури избегнаа да го споменат „документот“ потпишан во САД. Тоа им го препуштија на Вучиќ и Хоти, кои во заедничката изјава се осврнуваат не на „договор“, туку на „неодамна договорени документи во Вашингтон ДЦ“. Натаму, овие „документи“ ги ставаат во контекст на континуитет на дијалогот“ кои „може да дадат корисен придонес за постигнување на сеопфатен, правно обврзувачки договор за нормализирање на односите“. Тоа јасно кажува дека ЕУ не го третира договорот како правно обврзувачки, а им остава простор и на Вучиќ и на Хоти да го релативизираат.

Сепак, факт е дека веќе подолго време, благо речено, не постои силна координација меѓу САД и ЕУ во дијалогот Белград – Приштина.  Потребата ова да се демантира уште на почетокот на годината јасно укажа дека постојат несогласувања и натпревар за предимство. Ваквата конкуренција не им помага ниту на Белград, ниту на Приштина – како на домашен, така и на надворешен план, а не му праќа ниту охрабрувачка порака за регионот.

Втората порака е дека од Србија и од Косово се очекува да се усогласат со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. Во заедничката изјава Вучиќ и Хоти се обрзуваат да ги „удвојат нивните напори за натомошно усогласување со ЕУ во согласност со нивните обврски“. Секако дека оваа фраза може да се чита многу општо – усогласување со целото acquis на ЕУ, односно она кое е дел од спогодбите за стабилизација и асоцијација. Сепак во овој контекст, фразата се однесува на усогласувањето со надворешната и безбедносната политика на ЕУ или поглавјето 31 од преговорите за пристапување во ЕУ. И Србија и Косово според нивните спогодби за стабилизација и асоцијација со ЕУ презеле обврска за „сѐ поголема усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ“.

Тоа би значело дека ЕУ очекува да се исправат или да не се спроведат оние елементи од „документите“ кои се спротивни на нејзината надворешна и безбедносна политика. Во случајов тоа е најпрвин обврската на Србија за преместување на амбасадата од Тел Авив во Ерусалим и фактичкото признавање на Ерусалим за главен град на Израел.  ЕУ има Заедничка позиција (што е дел од правото на Унијата) во која се поддржува „решението за две држави“ односно ЕУ смета дека Ерусалем треба да биде главен град и на Израел и на идната палестинска држава. Доколку ја пренесе амбасадата во Израел од Тел Авив во Ерусалим, Србија би била првата европска држава што ќе го стори тоа, кршејќи ги обврските кон ЕУ. Другото прашања е прогласувањето на Хезболах во целина за терористичка организација на што Србија и Косово се обврзале во Белата куќа, во согласност со ставот на САД. Разликата е што ЕУ го смета военото крило на Хезболах за терористичка организација, но не и политичкото крило.

Како и да е, за Србија и Косово, но и за другите земји од регионот прашањата на надворешната политика во иднина можат да бидат многу покомпликувани одошто на прв поглед изгледаат.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.