И покрај недостатокот на стратешки пристап, лошата видливост и проблемите со финансирањето, националните институции за човекови права се клучни за заштитата на човековите права на Западниот Балкан
Националните институции за човекови права (НИЧП) играат клучна улога во обезбедувањето на заштитата на човековите права на Западниот Балкан, иако истражувањата покажуваат дека овие институции често имаат недоволно вработени, се слабо финансирани и се со лоша видливост, кажаа панелист(к)ите на конференцијата „Темел на човековите права: Ефективни национални институции за човекови права на западниот Балкан“ одржана денеска.
На настанот, организиран од Бранители за граѓански права (Civil Rights Defenders, ЦРД, Шведска) и Институтот за европска политика – Скопје, беа презентирани наодите од двегодишното истражување за ефективноста на националните институции за човекови права во регионот. За време на настанот, истражувач(к)ите и експерт(к)ите ги презентираа резултатите и дискутираа со претставници од овие институции од регионот, вклучувајќи ги и народните правобранител(к)и од Босна и Херцеговина и Црна Гора, комесарите за недискриминација на Албанија и Србија, и претставничка од канцеларијата на народниот правобранител од Косово и од Агенцијата за заштита на личните податоци од Северна Македонија.
Помеѓу клучните заклучоци од истражувањето и конференцијата се истакнува дека, без разлика на разликите во резултатите помеѓу институциите, останува неразвиен стратешкиот пристап кон институционалниот раст низ целиот регион. Процесите за назначување и специфичните механизми се порозни и склони на политички притисок што ја попречува заштитата на човековите права и треба итно да се адресираат. Постои и недостаток на финансиски ресурси, што добро е илустрирано од фактот дека само 1 во 16 институции во регионот има доволен буџет за целиот мандат. Учесниците на конференцијата се согласија и дека Парламентите не ја користат доволно функцијата за надзор, додека соработката со владите не е системска. Покрај тоа, постои потреба да се осигура дека препораките кои ги даваат институциите за човекови права соодветно се следат и спроведуваат.
Во отворањето на конференцијата, директорот за Европа на ЦРД, Горан Милетиќ, кажа дека не се обрнува доволно внимание на овие институции, што на крај резултира со последици по нивната легитимност и ефективност. Тој соопшти и резултати од регионална анкета спроведена од ЦРД, според која 80% од граѓаните на Западниот Балкан не веруваат дека сите граѓани се еднакви поред закони и само 36% од испитаниците од регионот веруваат дека владеењето на правото е почитувано во нивните земји.
Д-р Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика – Скопје, во нејзиното воведно обраќање ја истакна клучната улога која НИЧП ја играат во регионот, но укажа и дека „изгледите за европска интеграција не обезбедија движечка сила за демократизација на која многумина се надеваа, па најголемиот дел од работата останува на националните, независни системи за заштита на човековите права“.
Околу 80 учесници/чки се вклучија на онлајн дискусијата, на која што главно се зборуваше на англиски со превод на македонски, албански и босански/српски/хрватски/црногорски. Резултатите од истражувањето се достапни како интерактивна веб страница (IndexNHRI.org), каде што посетителите може да ги анализираат регионалните податоци според специфични индикатори и сектори.