Предизвиците за Ромите за време на кризата предизвикана од КОВИД-19
Светската пандемија ги помести општествените текови во Северна Македонија во која COVID-19 ја затекна државата во состојба на предизборен период и распуштено Собрание. Првиот случај на заболен беше регистриран на 26-ти февруари а веќе до 29-ти април беа забележани 1465 потврдени случаи. Во меѓувреме, за прв пат во историјата на земјата на 18-ти март беше донесена првата одлука за прогласување на вонредна состојба на територијата на целата држава врз основа на која се носеа уредби со законска сила на примена. Втора одлука беше донесена на 17-ти април. Иако уредбите беа донесени во насока на зачувување на здравјето на граѓанките и граѓаните, сепак тие (ин)директно влијаеа негативно врз економијата а со тоа го доведоа во прашање квалитетот на живот на граѓанките и граѓаните но и задоволувањето на егзистенцијалните потреби на најранливите категории. Дел од најранливите категории се и граѓанките и граѓаните од ромската етничка заедница кај која дискриминацијата сиромаштијата и исклученоста сè уште постојат. Последиците од COVID-19 особено ги погоди тие кои преживуваат од дневна заработувачка во неформалната економија, кои живеат во супстандардни услови и кои немаат обезбедено средства за достоен живот.
Во овој краток осврт даваме преглед на досегашните последици од КОВИД 19 врз ромската популација со осврт во однос на право на образование, право на здравје, право на работа, слобода на движење, основни услови за остварување на правата и слободите и активности на донатори и невладини организации за време на вонредната состојба. На крајот се споделени препораки категоризирани во секоја област наведена во документот.