Дебата: Граѓаните сакаат во ЕУ, но евроскептицизмот расте поради односот на Унијата кон земјава

Северна Македонија направи реформи, ги исполни барањата и направи жртви на патот кон отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Реформи до полноправно членство се уште има, но очигледна е волјата и желбата на општеството за пристапувањето. Ова е заклучокот на граѓаните од Пелагонискиот регион на дискусијата „Новите геополитички случувања и влијанието врз Северна Македонија“ која се одржа денес во Битола. 

 

Граѓаните кои учествуваа во дискусијата сметаат дека поголемиот дел од македонското општество е за членство во Европската Унија, но растот на евроскептицизмот е очекуван поради тоа што процесот на пристапување трае долго и се забележуваат двојните аришини од страна на ЕУ во пристапувањето на земајва и некои поранешни пристапувања. Според нив, земјава изминативе години покажала волја за пристап во ЕУ, но сметаат дека довербата во Европската Унија како кредибилен партнер на земјава се намалува, пред се поради долгото време поминато во „чекалната“.  

 

Односите со Бугарија и бугарското вето за почетокот на преговорите се помеѓу главните причини за растот на недовербата, сметаат граѓаните и додаваат дека односот на ЕУ кон земјите од Западен Балкан, но и Украина, Молдавија и Грузија е реактивен, наместо проактивен. 

 

Според нив, внесувањето на Бугарите во Уставот не е проблем, но одбивноста и противењето кај македонските граѓани доаѓа поради начинот на кој тоа се прави, односно чувството на притисок и немањето на реципроцитет, односно признавање на правата на Македонците во Бугарија. 

 

Во регионален контекст, граѓаните дискутираа за влијанието на косовското прашање и тензиите во Босна и Херцеговина и нивното влијание врз процесот на интегрирање на Северна Македонија и Западен Балкан во Европската Унија. 

 

 

По дискусијата меѓу граѓаните, според принципот на дебатна анкета, тие смислуваа прашања кои ги поставија на панел од експерти составен од Малинка Ристевска Јорданова од ЕПИ, професорот Горан Илиќ од Универзитетот Климент Охридски од Битола и проесорот Методи Хаџи-Јанев од Воената академија „Михајло Апостолски“. 

 

Според експертите, иако проширувањето во моментов е во преден план, бидејќи повеќе се зборува за тоа, поради поголемиот број на држави во ЕУ тоа станува потешко, бидејќи ЕУ е засегната со други прашања како економијата, безбедноста, границите. Според нив, погрешно е да се гледа на членството во ЕУ како на подарок, наместо понапорно да работиме за да го заслужиме тоа. 

 

Како еден од главните недостатоци во политиката на ЕУ поради кој паѓа довербата во Унијата во земјава беше истакнато премалата промоција на ЕУ и европските вредности пред граѓаните, бидејќи се чувствува одреден елитизам и оттуѓеност на ЕУ и нивната политика кон просечниот македонски граѓанин. 

 

Оваа беше втора дебата организирана во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата“ кој Институтот за европска политика – ЕПИ го реализира со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Дискусијата во Битола, заедно со останатите дебатни настани кои ќе се организираат во други градови, ќе биде основа за организирање на Националната дебатна анкета во 2024 година. 

Comments are closed.