Практична примена на медијацијата во трговските спорови
Автор проф. д-р Марко Андонов
Трговските спорови со сите свои специфичности пред сè бараат посветеност, темелност, знаење, но и брзина во нивното решавање. Деловниот свет диктира брзо темпо на активности, работа, дејствија и иновации. При ваква поставеност на работите, пристапот во решавање на спровите мора да биде прагматичен и флексибилен, проткаен со потребата од наоѓање на брза солуција без преголем формализам. Токму затоа, медијацијата се изнедрува како безмалку идеален концепт за решавање на споровите во бизнис секторот. Постапка која нема да трае долго и нема да биде обременета со голем број на формалности и процедури, како и со висока цена на чинење за самите учесници.
Медијацијата во најголем дел од земјите во светот се користи токму од страна на бизнис заедницата. Ситуацијата не е поразлична ни во Северна Македонија, каде трговските спорови се втори по бројност на постапки. Меѓутоа, кога станува збор за степенот на успешност на трговските спорови, од задолжителните обиди со спогодба се завршени само 18% од споровите. Со право се наметнува прашањето за причините за вака утврдените состојби.
Согласно резултатите од фокус-групата (во која учествувале медијатори и претставници на стопански комори) релативно нискиот праг на успешност се крие токму зад велот на т.н.„задолжителната форма“. Согласно мислењето на фокус-групата, задолжителноста нема ефект ако кај странките нема предзнаење за придобивките од медијацијата, ниту, пак, има волја спорот да се реши вонсудски. Согласно одговорите на медијаторите во прашалниците, задолжителноста е добар начин да се стимулира медијацијата, но странките не се одзиваат на поканата за медијација и воопшто не прават никаков обид за да го решат спорот во постапка за медијација. На овој начин само формално се применуваат законските одредби и медијаторот испраќа известување до судот дека обидот е неуспешен. Решението за овој проблем и двете целни групи го гледаат во посилна и поефикасна промоција на медијацијата.
Значајно е да се истакне дека со измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка од 2015 година, во стопанските/трговските спорови за парично побарување чијашто вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата, да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. При поднесувањето на тужбата, тужителот е должен да приложи писмен доказ, издаден од медијатор, дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал. Тужбата кон која нема да биде приложен доказот од медијаторот дека предметот не може да се реши по пат на медијација, судот ќе ја отфрли. Согласно ЗПП, судот е должен во спорови во кои е дозволена медијација, заедно со поканата за подготвително рочиште/главна расправа, до странките да достави писмено укажување дека спорот може да се реши во постапка за медијација. Во поканата, судот укажува дека странките треба да се изјаснат за тоа дали се согласни спорот да го решат во постапка за медијација и тоа се прибележува во записникот од подготвителното рочиште/ главната расправа.
Во однос на направените истражувања презентирани во понапред цитираниот документ, во врска со ставовите и мислењата на медијаторите со актуелните предизвици за медијацијата, најголем број од медијаторите сметаат дека воведувањето на задолжителен обид за медијација во трговските спорови дало позитивни резултати. Според добиените податоци во 25% од случаите медијацијата била успешна. Искуствата покажале дека најчесто тужениот не е согласен со предлогот за медијација. Интересен е и фактот дека најчест начин на завршување на медијацијата е наведена писмена изјава од медијаторот дека не се оправдани понатамошни обиди за медијација.
За нагласување е податокот дека високи 77% од медијаторите сметаат дека воведувањето на задолжителен обид за медијација кога банка/финансиско друштво/осигурителна компанија е странка во спорот, ќе даде позитивни резултати и ќе доведе до поголема примена на медијацијата.
Важен е и податокот дека самите медијатори укажуваат на фактот дека обуките за медијација се дефицитарни и дека имаат потреба од обука за медијацијата во сите области, а особено во доменот на трговските спорови.
Во однос за релативно слабата застапеност на медијацијата во нашата земја, медијаторите сметаат дека главната причина за тоа е недоволната запознаеност и информираност на субјектите за предностите на медијацијата, како и слабата промоција на медијацијата во јавноста.
Од друга страна, во однос на ставовите на домашната деловна заедница, во рамки на истражувањето презентирано во наведениот документ, првенствена препорака од нивна страна е подобра промоција што ќе биде реализирана на ефикасен начин кај сите засегнати страни (медијаторите и бизнис заедницата) и ќе ја подигне свеста кај сите. Во оваа насока се предлага преку медиумите и преку матичните институции да има конференции и активности за промоција на медијацијата. Од ова може да се констатира дека и двете засегнати страни имаат сосема идентичен став по ова прашање. Воедно, деловната заедница бара поинтензивен степен на консултации во однос на донесување на нови законски решенија, но и за примената на постојните законски решенија за медијацијата. Мошне интересна е препораката во врска со разгледување на предностите за медијацијата во стечајните постапки и поголема активност во оваа област, како и подобрување на примена на медијацијата во потрошувачките спорови. Во сосема иста насока е и предлогот за пилот (бесплатна) медијација во градежниот сектор, како и препораката за разгледување на перспективите за онлајн-медијација.
Во однос на медијацијата во трговските спорови, значајна доза оптимизам влева и презентираниот податок произлезен од истражувањето дека се бележи значаен раст на иницирани постапки за медијација, како и раст на успешно завршени постапки (со потпишување на спогодба) во последните две години, особено доколку се споредат 2021година во однос на претходната 2020 година. Така, во текот на 2020 година, иницирани се вкупно 149 постапки за медијација во трговските спорови, од кои: со спогодба се завршени 12 постапки, без спогодба се завршени 134 постапки и три постапки се активни. Во текот на 2021 година иницирани се 930 постапки, од кои: со спогодба се завршени 165, без спогодба се завршени 757, активни се четири постапки, додека четири постапки се завршени без ознака на начинот на завршување.
Спроведени интервјуа
За целите на предметното истражување, беа реализирани 4 (четири) интервјуа со релевантни чинители од областа, односно од доменот на медијацијата во трговските спорови. Поточно, реализирани се две интервјуа со лиценцирани медијатори, како и две интервјуа со одговорни/овластени лица на трговски друштва со седиште во Р.С. Македонија.
На медијаторите им беа поставени следните прашања:
- Дали и колку во Вашата работа како медијатори се застапени трговските спорови?
- Кој вид на трговски спорови се најзастапени?
- Дали сте задоволни од респонзивноста на страните во спорот?
- Согласно Вашите искуства, која страна ја иницира медијацијата?
- Дали сметате дека деловниот свет е доволно запознаен со придобивките од медијацијата?
- Одговори на првиот медијатор
Во однос на првото прашање, медијаторот одговори дека во неговата работа во над 90% од предметите се застапени работните и трговските спорови, со предност на работните спорови. Во врска со второто прашање медијаторот истакна дека најзастапени трговски спорови се од доменот на должничко-доверителски односи, поточно неисполнување на парични обврски од склучени договори.
Во врска со респонзивноста на страните во трговскиот спор, медијаторот истакна дека далеку пореспонзивни се доверителите отколку должниците. Впрочем на тоа се должи и релативно малиот број на предмети кои што се решени со постигнување на спогодба помеѓу двете страни. Вообичаено, кога должниците ќе се повикаат да се вклучат во постапката, тие во најголем број случаи не одговараат на повикот, со што се оневозможува понатамошниот тек на медијацијата. Во овој контекст, медијаторот го одговори и четвртото прашање, потенцирајќи дека во 100% од случаите, согласно неговото искуство, постапката за медијација ја иницира доверителот, односно страната на која не и било исполнето побарувањето согласно склучениот трговски договор.
Според медијаторот, тој смета дека деловниот свет е само делумно запознат со придобивките од медијацијата, дополнувајќи дека од неговата пракса и искуство согледува неоправдан страв од страна на компаниите да се вклучат во медијацијата, токму поради одредениот степен на непознавање како таа всушност функционира. Тој истакна дека е потребно и натаму да се работи на подигнување на свеста кај сите чинители, вклучително и на компаниите, но и на физичките лица, додавајќи дека се позитивни направените законски измени кои се однесуваат на задолжителниот обид за медијација кај трговските спорови.
- Одговори на вториот медијатор
Во врска со првото прашање, медијаторот одговори дека во неговата работа најзастапени се трговските спорови. Притоа, најчест вид на трговски спорови се исто така споровите со нерасчистени должничко-доверителски односи помеѓу компании кои произлегуваат од склучени договори помеѓу правни лица. Во однос на респонзивноста на страните во постапката, медијаторот истакна дека истата не е на посакуваното ниво и дека е потребно да се работи на оваа тема заради подобрување на работите. Притоа истакна дека проблемот со респонзивноста го гледа и кај двете страни, односно тоа се забележува и кај страната која ја има иницирано самата постапка за медијација во понатамошниот тек. Во однос на иницирање на постапката за медијација, согласно искуствата на интервјуираниот медијатор, скоро во сите случаи како иницијатор на постапката се јавува страната на која не и е исполнето паричното побарување кое произлегува од склучениот договор. Во врска со петтото прашање, медијаторот истакна дека бизнис заедницата има одредени базични сознанија околу медијацијата како начин на решавање на споровите, но смета дека има простор за дополнителен ангажман од различни чинители во насока на зголемување на свеста кај бизнисот за придобивките од медијацијата. На самиот крај тој истакна дека e потребна генерална промена на менталитетот на нашите граѓани и деловни луѓе, кои се уште се повеќе наклонети кон решавање на своите спорови преку суд и водење на долготрајни и скапи судски постапки, повикувајќи на широка кампања во оваа смисла со преку која медијацијата ќе го добие местото што го заслужува.
На претставниците на трговските друштва/деловната заедница им беа поставени следните прашања:
- Дали во Вашата досегашна работа сте биле дел од постапка за медијација во трговски спор?
- Какви се Вашите искуства во однос на медијациите во кои што сте биле учесници?
- Дали сметате дека деловниот свет е доволно запознаен со придобивките од медијацијата?
- Што според Вас треба да се направи за поголема популаризација и користење на медијацијата во трговските спорови?
- Одговори на одговорното лице на првото трговско друштво
Во однос на првото прашање, одговорното лице одговори дека во одреден помал број на случаи, како трговско друштво биле дел од постапка за медијација во трговски спор. Во однос на искуствата, одговорното лице истакна дека истите се доста позитивни, од причина што споровите биле успешно завршени со постигнување на спогодба помеѓу двете страни. Со самото тоа во драстична мера е намален временскиот период на решавање на спорот (споредено со класична судска постапка) и особено намалувањето на трошоците на самата постапка за медијација. Таа дополни дека ефикасноста, економичноста и ефективноста на самата медијација се неспоредливи во однос на судските постапки. Според нејзиното мислење, деловниот свет не е доволно запознат со придобивките од медијацијата и дека треба уште многу да се работи во насока на анимирање на субјектите за предностите од медијацијата, како на компаниите/трговските друштва, така и на граѓаните. Самата популаризација на медијацијата, особено во трговските спорови, треба да опфати еден поширок ангажман и активности во кои би бил вклучен и невладиниот сектор преку иницирање на проекти од областа на медијацијата, но и преку вклучување и поддршка од страна на државните институции, за кои има простор да бидат повеќе проактивни во оваа насока. Таа смета дека само преку ваков заеднички интерплеј би се постигнале значителни подобрувања во однос на зголемување на користењето на медијацијата во нашата држава.
- Одговори на одговорното лице на второто трговско друштво
Во врска со првото прашање, одговорното лице истакна дека неговото трговско друштво било учесник во релативно мал број на постапки за медијација. За искуствата од постапките во кои друштвото било дел, одговорното лице истакна дека генерално впечатоците се позитивни со бенефит за самото трговско друштво. Бенефит кој пред се, се огледа во фактот дека поголем дел од постапките завршиле со потпишување на спогодба меѓу двете страни, со што во голема мера е намалено времето на решавање и секако трошоците кои ги оценува како минорни во однос на чинењето на судските постапки. Одговорното лице истакна дека посакува колку што е можно повеќе трговските спорови во кои што е дел самото друштво, да се решаваат по пат на медијација, но дека со оглед на природата на самиот концепт, тоа не зависи само од нив, туку и од другата страна. Во однос на степенот за запознаеност со медијацијата од страна на деловната заедница, негов впечаток е дека постои некое базично ниво на запознаеност за придобивките од медијацијата. Сепак смета дека може и повеќе и подобро да се работи во оваа сфера, повикувајќи ги меѓу другите, и стопанските комори поактивно да се вклучат во процесите на популаризација и употреба на медијацијата особено во решавањето на трговските спорови. Тој предлага иницирање на кампањи и промотивни активности кои генерално би биле насочени кон деловниот сектор, организирање на настани и конференции преку кои што би се споделиле и позитивни странски искуства во однос на употребата на медијацијата во трговските спорови.
Заклучни констатации и препораки
Со сигурност може да се констатира дека презентираните резултати и препораки од спроведеното деск истражување (базирано на анализите и истражувањата презентирани во: „Анализа за примената на медијација во Северна Македонија“ и „Перцепција на јавната администрација и приватниот сектор за медијацијата како начин за решавање на спорови во Република Северна Македонија“) кои што се однесуваат на медијацијата во трговските спорови кореспондираат во целост со резултатите кои беа добиени од спроведените четири интервјуа со релевантни чинители од областа, направени во рамки на предметното истражување.
Оттука, како најзначајни констатации и препораки од страната на медијаторите, би ги реафирмирале следниве:
- Најголем број од медијаторите сметаат дека воведувањето на задолжителен обид за медијација во трговските спорови дало позитивни резултати;
- Во најголем број на случаи трговските спорови за кои се покренува медијација се однесуваат на должничко-доверителски односи кои произлегуваат од неисполнети договорни обврски на една од страните врз основа на склучен договор;
- Респонзивноста на страните во медијацијата кај трговските спорови не е на потребното/посакуваното ниво;
- Во најголемиот број на случаи од областа на трговските спорови, медијацијата ја иницира страната на која не и се исполните договорните обврски;
- Медијаторите укажуваат дека обуките за медијација се дефицитарни и нагласуваат дека имаат потреба од обука за медијацијата со посебен акцент на медијацијата во трговските спорови;
- Како причина за слабата застапеност на медијацијата во нашата земја, најголем дел од медијаторите проблемот го лоцираат во тоа дека страните се недоволно запознаени со медијацијата;
- Поголема промоција на медијацијата и информирање на јавноста за предностите во постапката за медијација;
Во однос на заклучоците и препораките од страната на деловната заедница, како најзначајни би ги навеле:
- Позитивни искуства и поддршка на медијацијата во трговските спорови;
- Подобра промоција што ќе биде реализирана на ефикасен начин кај сите засегнати страни и ќе ја подигне свеста кај сите;
- Организација на настани, конференции и други активности за промоција на медијацијата во трговските спорови;
- Иницирање на проекти од областа на медијацијата со вклученост на сите засегнати страни со истражување и анализа за медијацијата давајќи правец за областите во кои е потребна интервенција;
- Синхронизирана стратегија за промоција на медијацијата.