Новата европска геополитичка заедница – нови предлози, стари интереси и концепти
Пред неполн месец, пишувавме за идеите за различни видови интеграција со ЕУ, забележувајќи дека заживува дискусијата за овие прашања. Во меѓувреме, на 9 мај, францускиот претседател Макрон излезе со идеја за нова европска политичка заедница, што подоцна ја презеде претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел. Да биде сцената поинтересна, некои извори (италијанската Corriere della Sera) тврдат дека британскиот премиер Џонсон предложил Комонвелт на држави како алтернатива или пандан на ЕУ.
Во предлогот на Макрон и Мишел се говори за „европска политичка заедница“ или „европска геополитичка заедница“. Многу значајни работи не се видливи во овој предлог. Најпрвин не е јасно на кои земји тој се однесува. Се споменува можност за вклучување и на оние што сакаат во иднина да влезат во ЕУ, и за оние што не сакаат или веќе излегле од ЕУ. Првата и сега најзначајна одлика на оваа заедница е што, барем засега, не гарантира членство во ЕУ. Првите кои се препознаваат во оваа иницијатива се земјите од Источното партнерство – секако, најпрвин Украина, а секако и Грузија и Молдавија. Прилично е јасно дека најважната цел на предлогот е да се амортизираат преголемите новопојавени амбиции за членство во ЕУ на земјите од Источното партнерство, а при тоа да се даде соодветен политички одговор на сегашната гео-политичка и безбедносна криза.
Во однос на Зaпадниот Балкан, работите се замаглуваат. Предлагачите се обидоа да го издвојат проширувањето кон Западниот Балкан како посебно, со повторување на познатите слогани кога се промовираше новата методологија за проширувањето – дека таа треба да го забрза процесот, да го направи померитократски, итн… Меѓутоа, остана да лебди најголемата дилема – дали овие земји би влегле во новата политичка заедница и како тоа ќе се одрази на нивната перспектива за членство, која ЕУ ја вети уште пред дваесетина години. Уште поосетливо е прашањето дали сите држави кои сега се во оваа група, или само некои од нив би останале во чекалната. Овие сомневања се зголемија затоа што во говорот на Макрон од 9 мај, а уште повеќе во прес конференциите потоа, тој прави дистинкција меѓу оние држави што го почнале пристапниот процес и оние што не го почнале.
Досега никој не ги спомнал државите од Европската економска област или Зоната на слободна трговија. Во постојнава понуда не е видливо што би било привлечно за нив.
Не е јасно каква институционална форма би имала новата заедница. Францускиот претседател Макрон говори за „нова политичка организација“, што веќе би подразбирало институционализација. Европскиот институционален простор е, најблаго речено, многу развиен. Се поставува прашањето на преклопување со постојните рамки на соработка, како на пример Советот на Европа. Засега не се отвора прашањето какви аранжмани – договори, итн., покрај веќе постоечките, би биле предложени и какви сѐ усогласувања би биле потребни за тоа.
Она што е малку појасно се приоритетите на новата политичка заедница. Тоа би била најпрвин заедничката безбедносна и надворешна политика. Како други области на поразвиена соработка се споменуваат програми од социо-економска област кои не изискуваат премногу регулација, транспортот и енергетиката, но и слободното движење на луѓето. Ова се разликува од приоритетите на повеќе од две децении „стариот“ процес на стабилизација и асоцијација, кои дополнително се менуваа „во од“, па оттаму предизвикува и дополнителна конфузија.
Прилично е јасно и од каде произлегуваат ваквите приоритети. Француските приоритети за безбедносно осамостојување на ЕУ не се воопшто нови, а исто така е познато и значењето кое Франција го дава на инфраструктурните области во државите не-членки на ЕУ. Ако пак е точна информацијата за британскиот предлог – таа потсетува на британското залагање за алтернативна форма на здружување уште од времето на формирање на ЕУ.
Како и да е, очигледно е дека новите предлози треба да се толкуваат и во контекст на на престројувањата на актерите на европскиот континент во новите гео-политички услови.
И – како и да е, наспроти очекувањата, официјални претставници на некои од државите од Западниот Балкан (Рама и Вучиќ) веќе ја поздравија новата геополитичка заедница, и во однос на нејзиното значење за регионот. За жал, изостана толку неопходниот усогласен регионален глас и притисок, барем за клучните прашања, кои предлогот ги постави за перспективата за членство во ЕУ.
Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика