Дигитализацијата ќе обезбеди побрз пристап до правда и поголема транспарентност на судството
Со дигитализацијата на судството и јавното обвинителство се заштедува време во спроведување на постапките, се олеснува електронското движење на документите низ судските инстанци, обвинителствата и другите институции кои вршат кривичен прогон и ќе ја подобри севкупната поврзаност на овие институции. Дигитализацијата ќе ја оневозможи злоупотребата на правата на учесниците во судските постапки со одолговлекување на постапките, преку дигитализирање на списите. Воедно, дигитализацијата ќе овозможи побрз пристап до правда на граѓаните и зголемена транспарентност на правосудните органи.
Ова беа заклучоците на првиот ден од тридневната серија на настани „Дигитално судство – нова ера на реформите на македонскиот правосуден систем“, кои Институтот за европска политика (ЕПИ) ги одржува заедно со Министерството за правда, Судскиот совет и Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи (ИКТ Совет).
Свои воведни обраќања имаа директорката на ЕПИ, Симонида Кацарска, министерот за правда, Бојан Маричиќ, заменикот претседател на Судскиот совет на РСМ, Миљазим Мустафа, кабинетскиот службеник за координација на соработката на ПВРСМ, Ана Малцева-Маринковиќ и претседателот на Основен суд Кавадарци и претседател на ИКТ Советот, судијата Лазар Нанев.
Планот за дигитализација и статусот на негово спроведување го презентираа судијата Лазар Нанев, професорката по казнено-процесно право и член на ИКТ Советот Гордана Лажетиќ, јавната обвинителка Фатиме Фетаи и Васко Кроневски, ИКТ експерт.
Први судови кои ќе бидат дигитализирани според планот се судовите во Штип, Кавадарци и Струмица. Дигитализацијата се спроведува со поддршка на ОБСЕ, САД и Норвешката амбасада во Белград.
Настаните се одржуваат онлајн и во Хотел „Панорамика Дизајн и Спа“. Целта на настаните е запознавање на стручната фела и јавноста со составот, надлежностите и активностите кои ИКТ Советот ги планира, а кој ги спроведува со партнерите. Дополнително, на настаните се презентираат техничките можности кои ги нуди Националната платформа за интероперабилност, која ќе овозможи олеснето прифаќање на техничките можности, збогатување на знаењата за нејзината безбедност, начин на поврзување, комуникација и размена на информации и документи и сл. На настаните присуствуваат судии, претседатели на судови и судски службеници од целата држава, Министерството за правда, Судскиот совет на РСМ, Академијата за судии и јавни обвинители, Министерството за информатичко општество и администрација и други органи на државната управа, адвокати и претставници на граѓанскиот сектор.
Настанот се спроведува во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, финансиран од Европската Унија преку Сектор за централно финансирање и склучување договори, Министерство за финансии – Инструмент за пред-пристапна помош (ИПА II) 2014. Проектот го спроведува Институтот за европска политика – Скопје и Асоцијација ЗЕНИТ. Здружението на судии е соработник на овој проект.