[Поткаст] Делиберативна демократија во Северна Македонија
Во овој поткаст, дискутираме за делиберативната (дебатна) демократија и методот на дебатна анкета со Алис Сју, помошник директорка во Центарот за делиберативна демократија при Универзитетот Стенфорд. Делиберативна демократија е уникатна форма на политички консултации што ги комбинира техниките на истражување на јавното мислење и јавна дебата за да го открие вистинското мислење на јавноста за одредена тема, кога на граѓаните ќе им се даде шанса да бидат поинформирани. Дебатните анкети, како метод се започнати од професорот Џејмс Фишкин од Универзитетот Стенфорд и се спроведени во повеќе земји низ светот. Во регионот на Западен Балкан овој метод за прв пат беше спроведен во Северна Македонија од страна на Институтот за европска политика (ЕПИ) во соработка со Центарот за делиберативна демократија од Универзитетот Стенфорд уште во 2017 година. Сега, ЕПИ се подготвува да ја организира и спроведе третата Национална дебатна анкета во пролетта 2022 година, кога повторно ќе собереме граѓани од целата земја за да разговараме за важни теми.
Алис Сју е помошник директорка во Центарот за делиберативна демократија. Таа има докторирано на одделот за комуникации на Универзитетот Стенфорд, со фокус на политички комуникации, делиберативна демократија и јавно мислење. Поле на истражувачки интерес во делиберативната демократија ѝ е тоа што се случува при дебатите, како испитување на ефектите од социо-економската класа, квалитетот на дебатата и квалитетот на аргументите.