Анализа на квалитет и воедначеност на судските одлуки во кривично-правната област
Согласно практиката на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), гаранциите предвидени во член 6 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) вклучуваат обврска за судот, тој да овозможи и да продуцира соодветни и доволни образложенија на своите судски одлуки. Правото на образложени одлуки претставува клучна компонента на правичност на расправата што се заснова на практиката на ЕСЧП, а тоа е втемелено токму во неколку генерални принципи што се опфатени во ЕКЧП, а кои на тој начин ја штитат индивидуата од арбитрарноста на институциите.[1] Врз основа на тоа, одлуките е неопходно да содржат причини кои би биле задоволителни за да може на нив да се темели судската одлука, но и да одговорат на суштинските аспекти што странките во постапката ги поставуваат како нивни правни аргументи. Ова право не е експлицитно формулирано во текстот на член 6 од Конвенцијата, но претставува процесно право што суштински ги гарантира сите материјални права. Образложените одлуки оставаат впечаток, но и влеваат сигурност кај странките дека нивниот случај навистина бил разгледан, соодветно анализиран и процесиран. Меѓутоа, тие придонесуваат и кон унапредување на јавната доверба во судското одлучување, а дополнително обезбедуваат и стабилна основа за владеење на правото. Образложеноста на судските одлуки е од особено значење, имајќи предвид дека придонесува и кон стекнување на јавна доверба во праведна, објективна и транспарентна правда како столбови во демократското општество.[2]
Иако судовите имаат можност врз основа на своето слободно судиско убедување[3] да ги одберат доказите и аргументите на кои ја засноваат својата одлука, тие се обврзани да дадат соодветно образложение за нивната (не)применливост. Оттука, одредбите од член 6 на ЕКЧП не можат да бидат сфатени како обврзувачки, ниту, пак, ЕСЧП упатува на тоа дека е неопходно да се аргументира секој индивидуален став, односно доказ во постапката.[4] Длабината и екстензивноста на нивното образложување може да варира од видот на одлуката, од видот на надлежноста на судот, но и од случај до случај. Врз основа на тоа, судовите е неопходно да ги испитаат главните и клучните наводи на учесниците во постапката кои се засегнати како со домашното материјално и процесно право, така и со правата и слободите загарантирани во ЕКЧП. Образложенијата во никој случај не подразбираат прераскажување на кривично-правниот настан, како и на сите преземени дејства во постапката што несомнено би довело до тоа судските одлуки да бидат предолги. Оттука, сосема е погрешна практиката на некои судови за креирање компилации од судските записници од одржаните рочишта за главна расправа. Судските одлуки е неопходно, но и се сугерира од страна на ЕСЧП, да бидат колку што е можно поконзистентни и ослободени од непотребни детали и академски експликации.
Во правната теорија образложенијата се опишани како образложенија на правната теорија и образложенија за транспарентност. А кога станува збор за постапките пред второстепените судови, образложенијата што се дадени мораат да бидат во линија, но и да овозможат ефикасна употреба на уставно загарантираниот концепт на „право на жалба“[5], што теоретски е опишано како функционална ориентација. Второстепените судови можат да имаат и пократки образложенија од првостепените, но тие мораат да ги адресираат, односно да одговорат на главните аргументи покренати од странките во постапката.
Судските одлуки треба да се изготвуваат на достапен, едноставен и јасен јазик, тие мораат да бидат аргументирани, јавно објавени во разумен рок и засновани врз праведна и јавна расправа.[6] Согласно практиката на ЕСЧП, образложенијата мораат да содржат аргументација во однос на решавачките и клучните тврдења, аспекти и наводи што биле пресудни за донесување одлука во определен правец.[7] Оттука, овој суд би констатирал повреда на член 6 од ЕКЧП, секогаш кога домашните судови во образложението на одлуката би игнорирале конкретно, релевантно и важно прашања или аргумент покренат од апликантот во текот на постапката.[8] Образложените пресуди даваат одговор на прашања од одлучувачко значење за предметот (Mugoša против Црна Гора), даваат подробно образложение кај предмети каде што законот не е доволно јасен (Milojević против Србија) и онаму каде што фактичката состојба не е јасна или доследна (Hirvisaari против Финска, Atanasovski против Р. Н. Македонија), водат сметка за специфичностите на правниот систем (Taxquet против Белгија), а и бараат помалку подробни образложенија на апелацоните судови кога пресудите на основните судови се добро обработени (Garcia Ruiz против Шпанија).[9]
[1] Предмет Roche против Велика Британија, бр. 32555/96, § 116, октомври 2005 г., ЕСЧП.
[2] Предмет Suominen против Франција, бр. 37801/97, § 37, 1 јули 2003 г.; Tatishvili против Русија, бр. 1509/02, § 58, јануари 2007 г., ЕСЧП.
[3] Чл. 16 од ЗКП.
[4] Предмет Van de Hurk против Холандија, § 61, бр. 16034/90; 19 април 1994 г., ЕСЧП.
[5] Предмет Hadjianastassiou против Грција, бр. 12945/87, 16 декември 1992 г., ЕСЧП.
[6] Magna Carta of Judges, Fundamental Principles, Стразбур, ноември 2010 г.
[7] Предмет Boldea против Романија, § 30, бр. 19997/02, 15 февруари 2007 г.; Moreira Ferreira против Португалија, § 84, бр. 19867/12, 11 јули 2017 г.; Papon против Франција, бр. 54210/00, 25 јули 2002 г.; Hadjianastassiou против Грција, бр. 12945/87, 16 декември 1992 г., ЕСЧП.
[8] Предмет Nechiporuk and Yonkalo против Украина, § 280, бр. 42310/04, 21 април 2011 г.; Rostomashvili против Грузија, § 59, бр. 13185/07, 8 ноември 2018 г., Zhang против Украина, § 73, бр. 6970/15, 13 ноември 2018 г., ЕСЧП.
[9] Мирјана Лазарова Трајковска, „Правна аргументација и образложение на пресудите“, Скопје, ноември 2019 г.