Пет организации ќе ја следат реформата на јавната администрација на локалнo ниво преку грантови од проектот ВЕБЕР 2.0
Пет организации од земјава станаа грантисти на проектот WeBER 2.0 и ќе работат на следењето на реформата на јавната администрација на локално ниво. Организациите ќе работат на проекти за дигитализација и професионализација на администрацијата во општини, подобрување на човечките ресурси во локалната самоуправа, како и поттикнување на е-услугите и консултациите за кроењето на буџетите според локалните потреби.
Претставници од коалицијата „Сите за правично судење“, Finance think, Центарот за одржлив развој на заедницата од Дебар, Рурална коалиција, како и Иницијативата на невработени интелектуалци од 7 до 9 јули присуствуваа на работилница во Леуново. Претставниците на организациите добитници на грантови на работилницата имаа можност за запознавање со проектот и проектниот циклус.
На првиот ден од работилницата, организациите ги претставуваа своите проекти и се разговараше за процесот на консултации со граѓани на ниво на ЕУ. Грантистите преку конкретни примери од своите проекти ни објаснија како ќе вршат локални консултации со граѓаните.
Од страна на ЕПИ беа презентирани клучните наоди од вториот Национален извештај за мониторинг на реформата на јавната администрација.
Проектниот циклус, финансиското управување и финансиското известување беа дел од обуката на вториот дел од работилницата, каде што проектната менаџерка Јована Кнежевиќ, од партнерската организација Центар за европски политики од Белград преку практични примери и објаснување на правилата ги доближи и објасни овие теми на грантистите.
Завршниот ден од работилницата беше посветен на комуникациите и правилата за видливост на проектите. Грантиститите даваа идеи и предлози за поуспешна промоција на проектот, а презентирана беше и регионалната граѓанска платформа – sledimereformi.mk.
Проектот WeBER 2.0 – Зајакнување на граѓанското општество од западниот Балкан за реформирана јавна администрација е имплементиран од шест организации од Западниот Балкан, членки на мрежата Think for Europe- TEN (Центарот за европски политики- CEP Белград, Институтот за демократија и медијација – IDM Тирана, Институтот Алтернатива – IA Подгорица, Иницијатива за надворешна полтика – FPI Сараево, Група за правни и политички студии – GLPS Приштина, и Институтот за европска политика – EPI Скопје), координиран од Центарот за европски политики од Белград. Исто така, партнер на овој проект е и European Policy Centre – EPC од Брисел. Проектот WeBER 2.0 е финансиран од Европската Унија.