Формирана советодавна група на проектот „Активна граѓанска акција“
Со цел утврдување на клучните проблеми во рамките на јавните политики поврзани со интеграцијата на Република Северна Македонија во ЕУ и демократизацијата на општеството формирана е советодавна група за подготовка на третата Дебатна анкета.
Советодавната група ја сочинуваат професорки и професори, поранешна судијка во Европскиот суд за човековите права и надворешни соработници на претседателот на државата. Групата ќе дава поддршка на ЕПИ во подготовката на материјалите за Национална дебатна анкета во 2022 година. Дебатните анкети овозможуваат национален дијалог околу потребните механизми за ефективна демократска транзиција преку партиципативен пристап, опфаќајќи ја општата јавност, претставници на националните институции, граѓанските организации, медиумите и политичките партии. ЕПИ ваквите настани ги подготвува во соработка со Центарот за делиберативна демократија од Универзитетот Стенфорд од САД.
На првиот состанок на советодавната група, кој се одржа на 18 мај 2021 година, покрај взаемното запознавање, членовите заедно со проектниот тим на ЕПИ дискутираа за методот Дебатна анкета и за активностите на проектот кои ЕПИ ги спроведува заедно со Универзитетот Стенфорд од САД. Истот атака, советодавната група даде значителен придонес во врска со дефинирање на идните активности како што се изработката на информативните материјали и форматот во кој ќе се изработат, конкретизирање на темите кои ќе се дискутираат во Националната дебатна анкета во 2022 година и пристапот на темите за дискусија кон целокупниот ЕУ интегративен процес на земјата.
Проектот „АКТ – Активна граѓанска акција 2.0“ има цел да ја зголеми вклученоста на сите засегнати страни во процесите на демократизација на земјата, да обезбеди структуиран придонес за унапредување на процесите на национална реформа преку партиципативен пристап со вклучување на пошироката јавност и релевантните чинители во дефинираните области со дебатна анкета и да ја зголеми свеста на сите политички чинители во процесот за важноста на инклузивна и објективна јавна дебата за земјата и насоката на демократија. Ова е продолжение на проектот „Акт – Активна граѓанска акција“ и се спроведува во соработка со Центарот за делиберативна демократија на Универзитетот Стенфорд во САД. За овој проектен циклус планирани се четири локални дебатни настани во Скопје, Тетово, Штип и Охрид каде ќе се идентификуваат приоритетите за дискусија според граѓан(к)ите на различни теми, а овие локални дебатни настани ќе бидат основа за организирање на Национална дебатна анкета со граѓан(к)и од сите плански региони во 2022 година.
Институтот за европска политика во 2017 ја организираше првата Дебатна анкета во регионот и ја зголеми вклученоста на општата јавност во дебатата со носителите на одлуки. Во 2019 успешно беше организирана и втората Дебатна анкета, додека во моментов течат подготовките за третиот ваков настан кој е планиран за 2022 година.
Членови и членки на советодавната група:
вон. проф. д-р Беса Арифи
вон. проф. д-р Вели Креци
проф. д-р Јован Ананиев
д-р Мирјана Лазарова Трајковска
д-р Елена Б. Ставревска