ОТВОРЕН ПОВИК ЗА УЧЕСТВО НА НОВИНАРИ

во програма за обука и менторство за известување за европските интеграции и Планот за раст за Западен Балкан

 

Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) објавува отворен повик за учество во програма за градење на капацитетите на новинарите, во рамките на проектот „Декодирај ја ЕУ – Заедничко комуницирање на политиките на Европската Унија“.

Контекст 

Процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ е долготраен, комплексен и честопати недоволно разбирливо искомунициран во јавноста. Најновите инструменти, како што се Планот за раст за Западен Балкан и Националните реформски агенди, носат специфични технички и финансиски услови кои бараат аналитички пристап во известувањето. Целта на оваа програма е да им понуди на новинарите структурирана обука, практични алатки и директен пристап до релевантни информации со цел да се поттикне точно, засновано на факти и родово-одговорно известување за реформите поврзани со ЕУ.

Што нуди програмата?

Програмата е наменета за новинари кои во континуитет ќе поминат низ две клучни фази на обука и практична работа во периодот од октомври 2026 година до април 2027 година.

  1. Прва дводневна обука: институции на ЕУ и секторски политики
    • Фокус: Функционирање и носење одлуки во институциите на ЕУ, пристапниот процес, медиумската етика и извори за полесно наоѓање на одлуките на ЕУ.
  2. Втора дводневна обука: План за раст и Реформски агенди
    • Фокус: Детално толкување на Планот за раст за Западен Балкан, механизмите на условеност, постепената интеграција, како и следење на исполнувањето на конкретните национални реформи и обврски.

Логистички информации: Двете обуки ќе се одржат надвор од Скопје (со по едно ноќевање), индикативно во текот на октомври или ноември 2026 година. Сите логистички трошоци (патни трошоци, сместување, храна и работни материјали) се целосно покриени од страна на организаторот.

 

 

Обврски на избраните учесници

Со прифаќање на учеството во оваа програма, новинарите се обврзуваат на:

  1. Целосно присуство и активно учество на двете дводневни обуки надвор од Скопје.
  2. Изработка на една оригинална мултимедијална сторија (статија, интервју или видео-прилог) поврзана со реформите од ЕУ, Планот за раст, Зелената агенда или родовите аспекти на евроинтеграциите, со уредничка и менторска поддршка од експертите на ЕПИ. Овие производи ќе бидат објавени во рамки на новиот Дигитален медиумски центар за ресурси (Media Resource Hub) на веб-страницата на ЕПИ.
    За подготовката на мултимедијалната сторија е предвиден паричен надоместок.

Целна група и критериуми за селекција

Повикот е отворен за сите новинари кои работат во национални, регионални и локални медиуми во Република Северна Македонија, како и за независни новинари.

Изборот ќе се изврши врз основа на следниве критериуми:

Напомена за инклузивност: При изборот, строго ќе се води сметка за зачувување на родовиот баланс, вклучување на млади новинари, како и соодветна јазична застапеност. За учесници со попреченост ќе бидат обезбедени соодветни услови/прилагодувања за непречено учество.

Како да аплицирате?

Заинтересираните кандидати треба да ги достават следните документи:

  1. Професионална биографија (CV);
  2. Кратко мотивациско писмо (до 300 зборови) во кое ќе го објаснат својот интерес за учество;
  3. Кратка почетна идеја/тема (до 300 зборови) за мултимедијалната сторија што би сакале да ја истражуваат во текот на проектот.

Апликациите се испраќаат на е-маил адресата на ЕПИ: [email protected], со назнака: „Пријава за програма за обука на новинари – Декодирај ја ЕУ“.

Краен рок за пријавување е 31 август 2026 година до 23:59 часот.

Избраните кандидати ќе бидат контактирани за деталите поврзани со обуките. За сите дополнителни прашања, можете да се обратите на горенаведениот е-маил.

Овој повик е изработен и отворен со финансиска поддршка од Шведска преку проектот „Поддршка за европската интеграција на Северна Македонија“, имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги (УНОПС). Содржината на овој повик е единствена одговорност на Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува ставовите на Шведска и УНОПС.