Реформите не се само документи на хартија, тие мора да донесат реална промена, подобра бизнис средина, поправедно судство и зелена иднина за граѓаните. Со оваа заедничка мисија, Институтот за европска политика (ЕПИ) и официјално ја започнува соработката со три клучни граѓански организации од Северна Македонија кои преку конкретни акции ќе го следат напредокот на земјата кон ЕУ.
Во рамки на регионалниот проект „Следење реформи и раст на Западен Балкан“, финансиран од Европската Унија, преку шемата „Реформа за раст: Механизам за мали грантови“, овие три тима влегуваат во директна акција:

- Јавни финансии под лупа за подобра бизнис средина: Тимот на „Finance Think“ започнува со будно следење на мерките од Реформската агенда 2024–2027. Преку истражувања базирани на докази, тие ќе мерат колку овие економски реформи се навистина корисни за бизнисите и граѓаните, преточувајќи ги наодите во конкретни препораки за потранспарентни јавни финансии.
- Правни алатки за чиста животна средина и климатска акција: Македонското здружение на млади правници (МЗМП) се фокусира на усогласување на македонското со европското климатско законодавство. Нивната цел е да осигураат дека носењето на еколошките политики и проценките на нивното влијание ќе бидат транспарентни и подготвени за зелената транзиција.
- За потранспарентно судство и одговорни судии и обвинители: Коалицијата „Сите за правично судење“ влегува во директен мониторинг на одлуките во Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Тие ќе го анализираат напредокот на правосудните реформи за да обезбедат повисоки стандарди, конзистентност и одговорност при дисциплинските постапки и кариерното напредување во судството.
Потпишувањето на договорите е само формален старт на она што следува, интензивна работа на терен, анализи со аргументи и отворен дијалог со институциите за реформи кои навистина служат на јавниот интерес.
Погледнете ги сите проекти кои добија грантови на веб страницата на нашиот проект: https://reform-monitor.org/the-project/regranting/




