ЕК го објави третиот Извештај за владеењето на правото за Северна Македонија

Европската комисија денес го објави својот најнов, седми по ред Извештај за владеење на правото, за земјите членки на ЕУ, како и третиот извештај за земјите-кандидатки, меѓу кои и Северна Македонија. 

Како клучна превентивна алатка, овој извештај ни дава детален увид во тоа каде се движи Европа кога станува збор за правдата, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и институционалните спреги и кочници.

Од 2022 година извештајот содржи конкретни препораки за земјите-членки на ЕУ, од 2024 година во него се вклучени и четири земјите кандидатки, а од 2025 година е додадена и засилена димензија за влијанието врз единствениот пазар.

Оваа година, траекторијата на реформите на ниво на ЕУ е генерално позитивна, но реалноста на терен е прилично нееднаква и значително варира од една до друга земја-членка.

Иако извештајот успешно ги детектира проблемите, стапката на реализација и постапување по препораките од претходните години е на најниско ниво досега.

Што нотира Извештајот за Северна Македонија?

Извештајот за нашата земја бележи одредени позитивни законодавни чекори, но и сериозни критики и предизвици во праксата во четирите столба:

Правосуден систем: Забележана е сериозна загриженост поради политичко мешање и притисоци кои ја нарушуваат независноста на судството. Системот страда од недоволен буџет и алармантен недостиг на кадар (нема нови кандидати за судии и обвинители). Иако се донесени нови закони (како новиот Закон за Судски совет), тие бараат дополнителни ревизии.

Борба против корупција: Имплементацијата на антикорупциската стратегија останува ниска. Иако се донесени нови измени на Кривичниот законик како привремено решение, со цел да се ублажат негативните последици од измените од 2023 година, тие и натаму се оценуваат како недоволни и содржат значајни недостатоци во однос на законската рамка пред 2023 година. Бавните судски постапки, ограничените ресурси и ретките конечни пресуди и понатаму претставуваат главни пречки во борбата со високата корупција.

Слобода на медиумите: Работните услови на новинарите не се подобрени, а тие и понатаму се соочуваат со притисоци од политички актери, зголемено онлајн насилство и SLAPP тужби (стратешки тужби за заплашување). Финансиската независност на медиумскиот регулатор и МРТВ сè уште не е целосно обезбедена, а предизвици остануваат и во однос на транспарентноста на сопственоста на дигиталните медиуми. 

Институционална независност: Постои загриженост околу тоа дали именувањата во независните институции навистина се базираат на заслуги. Институциите како Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и понатаму се соочуваат со недостаток на финансии и човечки ресурси.

Извештајот останува моќен инструмент за дијагностика, но вистинскиот предизвик останува на националните власти – да покажат политичка волја и да ги спроведат препораките на дело, наместо тие да останат само на хартија.