Дваеcет години од Спогодбата за стабилизација и асоцијација: Искористени и пропуштени можности
Пред 20 години Република Македонија, прва од земјите во регионот, ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската унија и нејзините држава членки. Во тоа време очекувањата беа дека нашиот пат до членство во Европската унија ќе биде покус и дека побрзо ќе донесе промени, во корист на граѓаните и економијата на државата. Дваесет години подоцна сѐ уште е неизвесен почетокот на преговорите за членство во Унијата.
И денес Спогодбата за стабилизација и асоцијација останува основната правна рамка која го уредува односите меѓу нашата држава и Европската унија и нејзините држави членки. Затоа се чини неопходно да се навратиме на нејзините (искористени и неискористени) можности.
Прво, Спогодбата даде исклучителен придонес за постоечкото високо ниво на усогласеност на македонското законодавство со европското acquis. Во практиката, приоритетите за правно усогласување утврдени во ССА го водеа процесот на правна апроксимација. Во првата фаза на ССА клучно беше усогласувањето со acquis во внатрешниот пазар, конкуренцијата, јавните набавки, интелектуалната сопственост, стандардизацијата и акредитацијата, заштитата на личните податоци, додека усогласувањето во другите области на внатрешниот пазар продолжи со почетокот на втората фаза – услуги, слободно движење на капиталот. Втората фаза започна на 4 декември 2018 година.
Второто постигнување е институционалниот дијалог во структурите на ССА. Во нив се одвиваше дијалогот за исполнување на одредниците за почеток на пристапни преговори. Во рамките на структурите на ССА постојано се бараше, а и започна дијалогот за визната либерализација, вклучително и спроведувањето на договорот за реадмисија кој се одвиваше без пречки, иако тој беше многу спорен во време на преговорите за Спогодбата. Учеството во програмите на заедницата е регулирано со протокол кон ССА. Дијалогот за дијагоналната кумулација на потеклото на стоките исто така беше воден во рамките на институционалната структура на ССА и регулиран со протокол кон ССА. Оттаму, може слободно да се констатира дека во македонскиот случај – кандидатура без преговори, – институционалната структура на ССА беше и сѐ уште е, во средиштето на дијалогот со Европската унија.
Од друга страна, блокирањето на влезот во втората фаза на ССА и статусот на земја кандидат без преговори кои траеја повеќе од една деценија оставија длабоки траги на двата аспекти анализирани погоре. Во однос на усогласеноста, нашите анализи во изминатата декада покажуваат дека македонското досие стагнира на нивото од 2011 година, со кое сепак предничиме во регионот. Второ, отсуството на преговори заедно со сите политички превирања во администрацијата го осипаа капацитетот и знаењето кај институционалните структури.
Сепак, не смееме да го занемариме дваесетгодишното искуство во спроведувањето на Спогодбата кое ѝ дава на нашата држава – нејзините институции, владиниот и невладиниот сектор – богата основа за градењето на натамошните односи со Европската Унија. Очекуваме ова искуство да биде клучно доколку земјата ги започне преговорите за членство согласно новиот пристап на Европската унија кој ги приближува институционалните структури за преговорите согласно ССА.
За повеќе информации, погледнете ги одбраните анализите на ЕПИ посветени на Спогодбата за стабилизација и асоцијација подолу:
- Ефектите на процесот за стабилизација и асоцијација врз европската интеграција и регионална соработка на ЗБ6: Достигнувања и патоказ за иднината – Јули 2018 година
- Документ за дискусија ЗА ПОТФАТОТ И ЗА ПУЛСОТ – Април 2011 година