Колкава е довербата во правосудството?
Претставени наоди од анкета со граѓани-учесници во судски постапки и вработени во правосудството
Иако добар дел од граѓаните сè уште немаат доверба во правосудството, резултатите од скорешна анкета покажуваат дека довербата е значително поголема меѓу граѓаните кои имале лично искуство со учество во некоја судска постапка. 43 отсто од испитаниците – граѓани учесници во судските постапки изјавија дека претежно имаат доверба во судовите, а околу една третина се изјасниле дека имаат доверба во обвинителството. Од друга страна, повеќе од половина од граѓаните – учесници во судските постапки немаат доверба во судовите, а над 50 отсто е и процентот на учесниците во судските постапки кои изјавија дека нарушена им е довербата и во јавното обвинителство. Меѓу главните причини за недовербата граѓаните ги издвојуваат се перцепцијата за корупција, за политички влијанија и долгото времетраење на судските постапки.
Резултатите од првата годишна анкета спроведена со граѓани учесници во судските постапки, судии, адвокати и јавни обвинители и стручни соработници беа претставени и дискутирани вчера на дебата во организација на Асоцијацијата Зенит и Институтот за европска политика. На дебатата се направи осврт на достигнувањата во правосудството, перцепциите за постигнувањата и довербата во правосудството, а се формулираа и препораки за идни чекори за зголемување на довербата.
Во рамки на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, финансиран од Европската унија, вкупно беа анкетирани 415 граѓани кои се спорат, 41 судии, 73 судски службеници, 94 адвокати и 29 јавни обвинители.
Клучни резултати од анкетата
Трошоци на судската постапка
70% од испитаните граѓани сметаат дека трошоците за судската постапка во која биле вклучени се високи, 22% од испитаниците сметаат дека се прифатливи, а само 2% сметаат дека се ниски. Овие наоди ја поткрепуваат скорешната одлуката на Владата да иницира измената на Законот за судските такси со која максималната судска такса за физичките лица се намалува за седум пати. 30% од испитаните граѓани досега потрошиле помеѓу 101 и 500 евра за судската постапка во која биле вклучени, 27% потрошиле 501–1000 евра, 19% досега потрошиле до 100 евра, 12% од испитаниците потрошиле 1001–5000 евра и 3% од испитаниците потрошиле над 5000 евра.
Доверба во судовите и јавните обвинителства
Во однос на довербата во судовите, анкетата покажува дека 54% од испитаните граѓани претежно немаат доверба во судовите, додека 43% се изјасниле дека претежно имаат доверба во судовите. Довербата на граѓаните во јавното обвинителство е слична како и довербата кај судовите. 52% се изјасниле дека им е нарушена довербата во јавното обвинителство, а 31% претежно имаат доверба во обвинителството. Факторите кои влијаат врз намалување на довербата кај секоја од институциите се многубројни, но како најважни испитаниците ги наведуваат:
- Сомневањата за корупција. Во однос на судовите, перцепцијата за корупција како фактор за недоверба ја навеле 41% од испитаните граѓани, 33% за јавното обвинителство, 24% за адвокатите и 14% за судските вештаци. Сепак 80% од граѓаните не се соочиле со индикации за корупција во судска постапка во која биле вклучени. Оттука, перцепцијата за постоење корупција во правосудството граѓаните ја стекнале повеќе врз основа на неколку случаи кои привлекоа големо медиумско внимание, одошто врз основа на лични искуства од судските постапки.
- Сомневањата за политичко влијание. Следен по важност фактор за намалување на довербата според граѓаните се сомневањата за политички влијанија: 34% сметаат дека постојат такви влијанија врз судовите, 31% врз јавното обвинителство, 11% врз адвокатите и 10% врз судските вештаци. Сепак, запрашани дали се соочиле со мешање во судските одлуки од страна на извршната власт, само 5% од анкетираните судии навеле дека тоа често се случува.
- Долгото времетраење на судските постапки. Времетраењето на судските постапки исто така значително влијае врз перцепцијата на граѓаните за доверба во судските институции и тоа: 27% од испитаниците го навеле овој фактор како причина за намалување на довербата во судовите, 13% за јавното обвинителство, 12% за адвокатите и 8% за судските вештаци. Кај 52% од испитаните граѓани, судската постапка по нивниот предмет траела повеќе од една година (35% од 1 до 3 г., 10% од 4 до 7 г., 3% од 8 до 10 г., 4% над 10 г.). Три клучни причини за оддолжување на постапките според испитаните граѓани се: долги временски периоди меѓу закажаните рочишта (43%), често одложување на рочиштата (26%), (перцепцијата дека има) непотребно голем број на рочишта (20%).
22% од испитаните граѓани имале 1 до 2 рочишта кои биле одложени, 16% имале од 3 до 5 одложени рочишта, а 9% имале повеќе од 5 одложени рочишта. 42% немале ниту едно одложено рочиште.
Почитување на правата на обвинетите или оштетените во предметите од страна на судиите и обвинителите
На прашањето „Во колкава мерка се согласувате дека судиите и обвинителите генерално ги почитуваат правата на обвинетите или оштетените во предметите“ повеќе од половина од испитаниците (51%) мислат дека правата на обвинетите во кривична постапка претежно биле почитувани. Сепак, високи 45% од граѓаните кои учествувале во кривична постапка претежно не се согласуваат дека судиите и обвинителите ги почитувале правата на обвинетите или оштетените. Во поглед на истото прашање, околу 90% од адвокатите и обвинителите мислат дека обвинителите и судиите претежно ги почитуваат правата на обвинетите и оштетените во постапките, наспроти околу 10% кои не го делат ова мислење. Околу третина од судиите, адвокатите и обвинителите не се согласуваат дека судовите имаат доволно ресурси за да ги почитуваат правилата во процесните закони, а вакво мислење во однос на јавното обвинителство го имаат речиси 40%. Ова е показател дека треба да се работи на зголемување на буџетот за судската власт, кој во 2019 г. со 35 милиони евра бил речиси 2,5 пати помал од законски пропишаните 0,8% од бруто домашниот производ.
Квалитет на судските одлуки
Во врска со квалитетот на судските одлуки анкетата покри неколку параметри. Околу 37% од граѓаните се задоволни од јасноста на судската одлука во предмет во кој биле вклучени, додека околу четвртина од испитаниците се незадоволни. Во врска со примената на стандарди за квалитет на судските одлуки и пресуди во судството, најслаби резултати се забележуваат во однос на следењето на праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕЧСП). Третина од испитаните адвокати и обвинители и повеќе од четвртина од судиите изразиле мислење дека не се следи праксата на ЕЧСП, а 28% и 34% респективно дека се следи само делумно. Овие наоди покажуваат дека е потребно унапредување на стандардите за квалитет на судските одлуки, со посебен акцент на начинот на пишување, разбирливоста и квалитетот на образложенијата на пресудите. За таа цел проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“ во наредниот период ќе изврши анализа на квалитетот на судските одлуки во кривичните, прекршочните и граѓанските постапки, и ќе организира дебати со правосудните институции за начините како истиот да се подобри.