Рамномерниот регионален развој како спас за депопулација на Република Северна Македонија

Предмет на ова истражување е дали рамномерниот регионален развој претставува спас за депопулацијата на Северна Македонија. Овој труд има цел да лоцира кои се причините за нерамномерниот регионален развој, дали се постојната институционална структура, финансиските средства, планирањето, односно дали треба различен пристап за решавање на овој предизвик преку конкретни предлози.

За потребите на овој труд беа собрани и анализирани расположливите податоци и материјали, почнувајќи од Законот за рамномерен регионален развој, Стратегијата за регионален развој, различни извештаи и слични студии во областа. Важен аспект од истражувањето е и анализата на буџетските средства предвидени за оваа политика последнава деценија.

Од аспект на практичната примена на политиките беше испитана перспективата на претставниците на надлежните институции со посебен фокус: финансии, човечки ресурси и потенцијал за подобрување. Оваа активност се реализираше во периодот март-април 2020 година, преку анкетирање на засегнатите страни со алатката „Гугл формс“ (google forms). Оваа анкета беше испратена до Министерството за локална самоуправа, Бирото за регионален развој и сите центри за поддршка на планските региони. Со оглед на настанатата ситуација со пандемијата на коронавирусот, тврдиме дека анкетата беше солидна и од аспект на пополнетите анкети и од квалитетот на одговорите (од 11 испратени анкети, шест беа целосно пополнети). Исто така, во овој период реализиравме и интервјуа со претставници на споменатите надлежни институции преку електронските алатки.

Интересен факт е да се спомене дека при интервјуто со соговорниците по однос на валидноста на стратегијата за регионален развој (2009-2019) имаше различни одговори. Следствено, анализата ја базираме на единствениот официјален документ, односно Стратегијата за рамномерен регионален развој 2009-2019, со цел да се процени дали се реализирани активностите, дали се постигнати целите и слично.

Исто така, во текот на изготвување на трудот (април-март 2020 година) реализиравме и друга анкета со алатката „Гугл формс“ (google forms) (во прилог се дадени анкетите и прашањата за интервју) со граѓани кои ја напуштиле Северна Македонија, со примерок од 176 анкети. Целта беше да се испитаат причините зошто си заминува населението.

Последниот дел од анализата се однесува на обработка на податоците за актуелната состојба, предизвиците и можните решенија во форма на препораки.

Трудот опфаќа низа аспекти од политиката за рамномерен регионален развој, односно за причините за нерамномерниот развој на Северна Македонија. Детално се анализираат правната и институционалната рамка како фундамент на оваа политика, како и преку анализа на законското решение и нејзината примена од страна на надлежните институции. Се анализираат и предвидените финансиски средства предвидени во оваа област низ една деценија.

Важен дел од трудот претставува и Стратегијата за регионален развој на Северна Македонија, што е донесена во 2009 година и важи до 2019 година. Преку конкретни анализирани бројки се прави проценка колку се постигнати целите од стратегијата во различни области. Освен актуелната состојба што ја пресликува реалноста на оваа политика што се рефлектира во нерамномерниот регионален развој, се обидуваме да одговориме и на прашањето како до рамномерен регионален развој, како спас за депопулација на населението на Северна Македонија.

Преку истражувањето се добива јасна слика по однос на актуелната состојба, кои се реалните предизвици на надлежните институции во оваа област, нивните видувања по однос на оваа политика и како можат да се решат овие проблеми во форма на препораки.

Comments are closed.