Рамномерен регионален развој во Република Северна Македонија: Причини за нерамномерност и позитивни примери за развој
Според податоците од Државниот завод за статистика, диспаритетот во развојот помеѓу македонските региони е видлив и очигледен. Но, ако не ги гледаме само бројките туку и реалната слика што ја имаме во другите градови, ќе видиме дека регионалниот развој во Република Северна Македонија е нерамномерен. Имаме комплетно празни села, запустени локални патишта, градови и региони што трпат масовни иселувања и напуштања, како Берово, Делчево, Пехчево, а од друга страна, концентрација на населението и економската активност во главниот град Скопје, што, пак, со својата инфраструктура не е на ниво да ги задоволи потребите на новодојденото население. И покрај планските документи за регионален развој што ги носи владата, сè уште не може да постигне позначителен рамномерен регионален развој и сè уште не се намалува големиот диспаритет во развојот помеѓу осумте плански региони. Диспаритетите што ги гледаме не се појавуваат само на ниво на региони туку присутни се и во облик на раслојување на населението, сиромаштија во неразвиените региони и енормно развиен скопски регион, што е комплетно променет со урбанистичкиот развој.
За да се даде одговор на прашањето кои се причините за нерамномерниот регионален развој на македонските региони, ова истражување ќе го следи следниов методолошки пристап. Најпрвин ќе лоцира недостатоци во законската регулатива, земајќи ги предвид и резултатите од претходни истражувања направени на тема рамномерен регионален развој во Северна Македонија. Следниот чекор е осврт кон актуелната состојба во регионите преку статистички податоци, невработеност, инвестиции и главни производни сектори. Со анализа на постојни примери на рамномерен регионален развој од земјите-членки на ЕУ, како Австрија на пример, ќе се обиде да даде предлог-решенија како да се подобри регионалниот развој, кои можат да бидат применливи за македонските региони, како и предлог-решенија и програми од Генералниот директорат на ЕУ за регионален развој (DG Regio). Со цел ова истражување да не се ограничува само на европскиот континент, како позитивен пример ќе се дадат предлог-решенија од Индонезија, како земја со висок економски развој и развиен туризам, како и Австрија, која е со широкоразвиена меѓурегионална и меѓуопштинска соработка.
Препораките дадени на крајот се приспособени на реалните услови во Северна Македонија и се во рамките на реални предлог-решенија што можат да се имплементираат на терен.