Дијалог за политики: Ветингот како вонредна мерка ќе создаде вонредни проблеми
Ветингот како вонредна мерка ќе создаде вонредни проблеми, особено што кај нас беше најавен во предизборен контекст, нејасно дефиниран и затоа не може да се зборува за резултати од тој процес. Искуствата од регионот укажуваат на потребата од особена внимателност и сеопфатна дебата за процесот на ветинг, додека според експертите подобро решение за нашите околности е проверка на интегритетот и капацитетот преку постоечките институции. Ова се дел од заклучоците што ги изнесоа говорниците на дијалогот за политики „Ветинг – наметната или изводлива опција за Република Северна Македонија“ што се одржа на 6 март во Скопје.
Д-р Леди Бианку од Албанија, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права истакна дека судиите, како и сите функционери, треба да бидат одговорни и дека тоа што важи за министрите и за политичките претставници, треба да важи и за судиите. Како што истакна тој и тие треба да одговараат пред јавноста. Бианку рече дека ветингот во Албанија бил замислен како административна процедура, но, доколку се анализира содржината на процесот, анализите покажуваат дека процесот против судиите е кривичен.
-
Доколку ги слушате политичарите кажуваат дека се борат против корупција во судството. Но, корупција не се сузбива со административни процедури, туку со кривични, истакна Бианку.
Д-р Боса Ненадиќ, поранешна претседателка на Уставениот суд во Србија потенцираше дека последниците од промените во политичките власти се многу помали од реформите во судската власт.
-
Последиците се многу поголеми доколку реформите во правосудството не се спроведуваат како што треба, истакна Ненадиќ и додаде дека при спроведувањето на реформите важна е соработката со меѓународната заедница, но многу поважна е внатрешната подготвеност за реформи.
Д-р Мирјана Лазарова Трајковска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права кажа дека кај нас многу се зборува за ветинг, без да се даде одговор каков ветинг ќе се спроведува.
-
Идејата за ветинг, сама по себе, нема лоша намера. Но, во принцип, ветингот како терминологија не соодветсува со она што сакаме да го постигнеме. Не може да кажеме дека сите 530 судии во Македонија не чинат и дека треба да бидат подложени на проверки и прочистување, рече Лазарова Трајковска.
Таа додаде дека доколку се спроведува ветинг потребни ќе бидат и уставни измени, со цел регулирање на трајноста на мандатите на судиите и независноста на судството.
-
Било какви заговарања или размислувања за ветинг, така како што беше презентиран во јавноста, без да се влезе во уставни амандмани е невозможен. Единствено нешто што е возможно е јакнење на капацитетите на институциите и спроведување на законите, рече Лазарова Трајковска.
Татјана Васиќ Бозаџиева, од министерството за правда истакна дека Европската комисија во својот последен извештај нотирала дека Северна Македонија има голем напредок во услогласувањето со регулативите на ЕУ. Исто така, во извештајот, како што кажа Васиќ Бозаџиева, се констатира дека во Северна Македонија е забележена суштинска мотивација и посветеност во реформите.
Владимир Георгиев, член на Државна комисија за спречување на корупција кажа дека поранешниот премиер излегол со став во јавноста дека ДКСК треба да го провери имотот на судиите и обвинителите во државава.
-
Тоа не претставува ветинг. Тоа е само еден елемент од целиот процес. Ветингот како во Албанија, да се навлезе во анализа на стручноста, на стекнатиот имот и на членовите на семејството, во анализа дали биде поврзани со одредени криминални и политички структури, што всушност е нешто друго, рече Георгиев.
Тој додаде дека во изминативе години се се критикува постапувањето на судиите и обвинителите, се споменуваа злоупотреби на АКМИС-от и во јавноста постои чувство на длабока ерозија во довербата во правосудниот систем, а тој е ‘рбетот во владеењето на правото.
-
Според истражувањата во Албанија, околу 80 отсто од граѓаните, пред започнување на процесот на ветинг, кажале дека постои висока корумпираност во овој сектор. Во Македонија, според истражувањата, судскиот систем се посочува како виновник за корупцијата во земјава. Според перцепцијата на граѓаните за распространетост на корупцијата по професии, на првите две места се судиите и обвинителите. Од 2001 до 2019 се забележува зголемување на перцепцијата за корумпираност на судиите и обвинителите, рече Георгиев.
Тој заклучи дека треба да се има предвид дека спроведување на целосен ветинг претставува реална опасност за блокирање на правосудниот систем.
-
Доколку се одлучиме за ветинг во смисла на ревизија, неопходно е вклучување и на меѓународен мониторинг, заради овозможување на објективен процес, заклучи Георгиев.
Според д-р Денис Прешова, доцент на Правниот факултет „Јустинијан Први“, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, ветингот воопшто не е решение.
-
Како вонредна мерка, ќе ни создаде вонредни проблеми со кои не би можеле да се справиме. Треба да бидеме внимателни за каков тип на ветинг станува збор. Во нашиот контекст се истакнува генерален реизбор, чистка, расчистување. Ова прашање повторно се отвора во предизборен контекст. Сметам дека доколку избрзано се пристапи кон ветинг ќе создаде само проблеми, без да даде решениија. Што е целта на ветингот? Кого треба да провериме и да исчистиме?, истакна Прешова.
Тој потенцираше дека ветингот претставува, пред се, административна правда и не навлегува во кривична одговорност.
-
Со ветингот нема да имаме кривична одговорност, тој нема да ја разреши неказнивоста. Ветингот е мерка на трансициска правда, кон која се пристапува кога имаме сериозни прекршувања на човекови права во кои соучесници биле самите судии. Ние немаме разрешница на прашањата отворени од „бомбите“, а веќе зборуваме за следните чекори, рече Прешова.
Дијалогот беше спроведен во рамки на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика и Асоцијацијата ЗЕНИТ, а е финансиран од Европската Унија и кофинансиран од Владата на Република Северна Македонија. Проектот има цел да придонесе за враќање на довербата на граѓаните во македонскиот правосуден сектор преку значително вклучување на граѓанското општество во суштински реформи. Крајни корисници на овој проект се институциите во областа на правосудството.
Целта на овој дијалог беше да обезбеди детална дискусија за природата и последиците од процесот на ветинг, со оглед на европските стандарди за правосудство и искуствата во регионот и да придонесе за проценка на потребата од проверка на македонското правосудство во светло на европските стандарди и научените лекции.