Презентирана анализата од проценката на влијание на регулативата врз Законот за судови

Дек 13, 2018

epiadmin

Новости

0

Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) организираше дискусија и презентација на работната верзија од Анализата од примената на проценката на влијанието на регулативата врз Законот за судови. На настанот учество земаа директорката на ЕПИ, д-р Симонида Кацарска, министерката за правда, проф. д-р Рената Дескоска, претседателот на Здружението на судии и судија во ВСРМ, д-р Џемали Саити и Ивана Најдоска, програмска директорка во Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).

Наодите од работната верзија на Анализата ги презентираше истражувачката м-р Ива Цоневска.

Според министерката Дескоска, речиси сите препораки на Венецијанската комисија коишто досега се дадени се имплементирани. „Дополнителните препораки кои ги добивме од Венецијанската комисија овој месец се имплементирани.“ – потенцираше министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска. 

Како клучни измени во делот на Законот за судови, министерката Дескоска ги наведе измените коишто се однесуваат на основите за утврдување дисциплинска одговорност кај судиите. „Венецијанската комисија, уште во 2015 година, има дадено препораки за прецизирање на основите за дисциплинска одговорност со цел да се овозможи независност на судиите, но секако и одговорност за нивно непрофесионално работење“, истакна министерката Дескоска.

Според судијата Саити, судиите имаат лош рејтинг во општеството, но нивна цел е да се изборат против ова. „Реформите имаат добри решенија за судскиот менаџмент, за подобрување на статусот на судиите, но клучно прашање е и буџетското финансирање на судството“ – изјави претседателот на Здружението на судии и судија во ВСРМ, д-р Џемали Саити.

Тој додаде дека е многу значајно да се искористи сегашниот момент, бидејќи тешко ќе биде да дојде нова прилика. „Влегуваме во претпристапни реформи, постои отворена шанса за да направиме вистински промени во судството“ – додаде Саити.

Презентирајќи ја анализата, Ива Цоневска кажа дека иако од 2014 до сега бројот на судии во Република Македонија е намален, сепак тој е над европскиот просек. „Но и покрај тоа, дел од судовите нема да можат да функционираат без да има назначување судии од други судови. Пристапот на граѓаните до судовите се ограничува поради поставеноста на основните судови со проширена надлежност“ – додаде Цоневска.

„Според наодите од теренското истражување на судиите од четирите апелациони подрачја, потребно е зголемување на годините на стаж на судиите за да можат да се унапредуваат судиите. Ова е добар индикатор за искуството на судиите и нивната способност за фер и правично судење“ – истакна Цоневска.

Ивана Најдоска, програмската директорка на ИДСЦС ја исткана важноста од спроведувањето на квалитетна проценка на влијание на регулативата при подготвувањето на определена политика или измени на закони. Таа додаде дека ПВР е процес кој ретко се применува бидејќи законите многу брзо се донесуваат. Сепак, компаративните анализи за ПВР имаат за цел да го приближат овој процес кон институциите, организациите и сите засегнати граѓани.

Проектот „Примената на проценката на влијанието на регулативата (ПВР) врз Законот за судови“ е поддржан од Институтот за демократија “Социетас Цивилис” Скопје (ИДСЦС) во соработка со Центарот за економски анализи (ЦЕА), во рамки на проектот „Проценка на влијанието на регулативата во сенка: Промовирање на креирање политики базирани на докази“, финансиски поддржан Европската Унија.

Post by epiadmin

Comments are closed.