Граѓаните на прво место! – Регионална конференција за РЈА во Белград
Во изминатите три години, шест мисловни лаборатории (think-tanks) од Западен Балкан ги истражуваа реформите во јавната администрација (РЈА) низ целиот регион, низ перспективата на граѓанското општество. Како да се добие подобра администрација во Западен Балкан? Зошто е важно да се вклучи граѓанското општество? Зошто е потребен регионален пристап за подобрување на доброто управување?
Задоволство ни е да ја најавиме дводневната регионална конференција што ќе се одржи на 25 и 26 септември 2018 година во Белград, каде што ќе имаме отворена дискусија за овие и многу повеќе теми. Во рамките на овој настан ќе го претставиме Регионалниот извештај за мониторинг на РЈА – еден од клучните резултати од нашето компаративно истражување од мониторингот на РЈА во рамките на проектот WeBER. Посебна сесија ќе биде фокусирана на мониторингот на РЈА од локалните граѓански организации, вклучувајќи и приказни од градовите и општините и ќе бидат презентирани најуспешните локални проекти.
На конференцијата ќе учествуваат засегнатите страни од регионот во областа на РЈА, меѓу кои и претставниците на граѓанското општество, владите, медиумите, претставници од меѓународни и регионални организации.
Активно учество од Институтот за европска политика ќе земат директорката, д-р Симонида Кацарска, која ќе ја модерира дискусијата за регионалниот напредок во реформата на јавната администрација и ќе даде завршен осврт на настанот. Дополнително, Александра Ивановска, истражувачка во ЕПИ, ќе даде краток вовед во дискусијата за отчетност на јавната администрација.
Можете да го најдете дневниот ред на линкот.
Проектот ВеБЕР е финансиран од Европската Унија и Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.