Предизвиците на Ромите-повратници во Македонија [истражување]

Апр 23, 2018

epiadmin

Новости

0

Набргу по воведувањето на можноста за безвизно патување, почна нагло да се зголемува бројот на баратели на азил од Македонија во ЕУ. Неповолната социо-економска положба на ромската заедница во Македонија и недоволната вклученост во главните општествени текови се клучните причини за обидите на голем број Роми да емигрираат во високоразвиените западноевропски земји.

Маргинализираноста на ромската заедница во земјава ја покажуваат бројни показатели и студии, а особено впечатливи се компаративните податоци наведени во „Индекс за инклузија на Ромите 2015“, издаден од Секретаријатот на Декадата за инклузија на Ромите од Будимпешта, Унгарија: Помалку од 1 процент од Ромите завршуваат високо образование, за разлика од просекот од 12 проценти кај вкупното население. Од друга страна, неписмени се 17 отсто од Ромите, односно 25 проценти Ромки, за разлика од националната стапка на неписменост од 4 отсто. Стапката на невработеност кај Ромите е 49 проценти наспроти стапката од 24 отсто на ниво на целата држава. Просечниот животен век, една од клучните одредници за здравствената состојба на населението, кај Ромите во Македонија изнесува 59,7 години наспроти вкупниот просечен животен век од 70,2 во земјата. Просечниот месечен приход на Ромите е за 58 отсто понизок од просекот на национално ниво. Овие податоци, кои се однесуваат на 2014 година, се одлична илустрација за причините зошто многу ромски семејства решаваат да заминат во ЕУ како баратели на азил или мигранти.

Овој извештај од истражување ги прикажува идентификуваните клучни предизвици и тешкотии со кои Ромите – повратници се соочуваат при реинтеграцијата во нивните матични заедници, во обидот да обезбедат достоинствен живот за себе и за своите семејства во Македонија. Појдовна точка во истражувањето беа нивните лични искуства и впечатоци, но беа земени предвид и законската рамка, јавните политики и мерките на јавните институции во насока на поттикнување на реинтеграцијата, како и искуствата на граѓанскиот сектор во нудењето соодветна поддршка и помош. Во финалниот дел од извештајот се прикажани препораки за подобрување на системскиот одговор кон ова прашање.

Во фокусот на истражувањето беа пет области: социјална заштита (вклучувајќи го прашањето на пристап до лична документација), здравствена заштита, образование, вработување и домување. Тоа беше спроведено во пет ромски заедници: Скопје (Шуто Оризари), Битола, Делчево, Тетово и Куманово, во обид да се доловат евентуалните „нијанси“ во поглед на предметот на истражувањето во различни делови од земјата.

Во прилог се наоѓа истражувањето: Предизвиците на Ромите-повратници во Македонија

Овој извештај од истражувањето за реинтеграцијата на Ромите – повратници во Македонија е изработен во рамките на проектот „Поттикнување одржлива реинтеграција на Ромите – повратници во Македонија“, спроведуван од Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ), во соработка со Невладината организација „Кхам“. Главната цел на проектот е да се предлагаат и да се застапуваат политики за обезбедување реинтеграција на Ромите – повратници во Македонија.

Финансиската поддршка за проектот, вклучувајќи ги спроведувањето на истражувањето и подготовката на овој извештај, е обезбедена од Тинк тенк фондот и од Канцеларијата за ромски иницијативи при Фондацијата „Отворено општество“ од Будимпешта, Унгарија.

Post by epiadmin

Comments are closed.