Извештајот за темелни права на ФРА изработен од ЕПИ презентиран во Собранието
Наодите од годишниот извештај за темелните права на Агенцијата за темелни права на Европската унија (ФРА) беа презентирани и дискутирани на јавна расправа во Собранието на Република Северна Македонија во петокот. Овој извештај четврта година по ред е изработен од Институтот за европска политика, како национален истражувачки центар за ФРА во Северна Македонија.
Наодите од извештајот претставуваат значајна појдовна точка за продлабочување на дискусијата и соработката за подобрување на темелните права помеѓу релевантните актери и зајакнување на системот на кочници и рамнотежа во земјата, а во светло на четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед на ООН за човекови права како најопсежна вежба на преглед на напредокот на државата во овој поглед.
Јавната расправа се одржа и отвори во соработка со Парламентарниот институт, претседателката на Интерпартиската парламентарна група за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, Маја Морачанин и претседателката на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, Љатифе Шиковска. Освен нив, воведни обраќања имаа и Бен Нупнау, заменик-шеф на мисијата/шеф на одделот за политички печат и информации на Делегацијата на Европската унија во земјата, како и Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ. По презентација на извештајот, во плодна дискусија се вклучија и пратениците- претседатели и членови на комисиите во Собранието и неформалните групи, чии фокус на работа е областа, предмет на расправата како Снежана Калеска Ванчева, Фадил Зендели, Даниела Иванова, Бедри Фазли, Соња Михајловска, Марија Костадинова, Марија Ангелова и други, заедно со претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, како и претставници од постојаната канцеларија на Обединетите нации во земјава, дипломатските преставништва во земјата, УНИЦЕФ и граѓанските организации, активни во областа.
Јавната расправа се одржа во рамките на проектот „Заедничка акција за човекови права“, финансиран од страна на Европската унија.