Бугарското вето на македонските евроинтеграции: Какво јаболко може да загризе Македонија?

Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора:

  • Да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес – по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти (држави членки, ЕУ, Северна Македонија) – вклучувајќи го и евентуалното внесување на бугарско малцинство во Уставот;
  • Да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот;
  • Македонија не смее да престане да разговара со Бугарија за надминување на разликите
  • Да има широка поддршка од јавноста и политичките субјекти;
  • Да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор.

 

КОН МАКЕДОНСКИТЕ ЦРВЕНИ ЛИНИИ

  1. Недозволиво е внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка)

Во ваков случај тој механизам би станал услов за текот на преговорите и процесот би се претворил во диктат од страна на Бугарија за исполнување услови кои немаат никаква врска со правото на Европската унија.

  1. Бугарија мора да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања

Во спротивно, пристапниот процес станува заложник на праксата од постојано отворање на нови прашања од страна на Софија (Преамбулата, обвинувањето за дискриминација што не постои во реалноста, веројатно во иднина резултатите од Пописот) и одолговлекување на преговорите до недоглед.

  1. Македонски јазик без какви и да е додавки

Не смеат да се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик, ниту какви и да е дополнителни појаснувања, изјави, итн. со кои ќе се релативизира посебноста на македонскиот јазик. Каква и да е задршка или резерва во однос на јазикот сега, ќе води во најмала рака кон нерамноправен третман на македонскиот јазик, а со тоа и на државата во ЕУ.

Текстот на Пристапниот договор со ЕУ во однос на јазикот мора да биде идентичен како и за другите држави пристапнички. Постојната билатерална јазичната клаузула не смее да се преслика на ниво на ЕУ.

  1. Не смее да се прифати менување на Уставот како услов за почеток и текот на преговорите. Бугарската страна треба експлицитно да го признае македонскиот идентитет.

Врвен ризик е секакво менување на Уставот на Република Северна Македонија освен на самиот крај на пристапниот процес, односно по сите ратификации, кога Бугарија нема да има можност за блокада. Бугарија инсистира на менување на Уставот во рана фаза на пристапувањето, затоа што тоа ѝ отвора можност за постојан притисок врз идентитетски прашања и за последователни барања.

Барањата за правична застапеност и јазични права можат да произлегуваат единствено од пописот. Секој договор што не спречува повикување на „Македонците со бугарски пасоши“ како критериум за колективни права е многу опасен.

Секаква изјава со која Северна Македонија би го негирала постоењето на македонското национално малцинство во Бугарија би била спротивна на меѓународните принципи на правата на малцинствата и сериозно би го нарушила дигнитетот на државата. Северна Македонија не може да се откаже од правата што ги има како рамноправна членка во меѓународните организации (како Советот на Европа) за ниедно прашање, па ниту за прашањето за македонското национално малцинство во Бугарија.

Итно спроведување на пресудите на ЕСЧП за македонските организации во Бугарија би бил не само знак на добра волја од страна на Бугарија, туку и извршување на нејзини дамнешни меѓународни обврски.

Апсурдно е признавањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија во услови кога Бугарија го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Обидот бугарското барање за промена на Уставот да дојде преку Брисел е спротивен на принципите на ЕУ. 

  1. Да се спречи злоупотреба на историското минато за етнополитички цели

„Декларацијата на Собранието од 2006 година за извинување на жртвите од репресијата од режимот во периодот 1945-1990 година веќе го третира прашањето на рехабилитација на жртвите од комунизмот. Рехабилитација се однесува на жртвите без оглед на етничката припадност.“ Антифашистичката димензија на споменичните обележја мора да се зачува, бидејќи е суштински дел од македонската државност.

  1. Спречување на говорот на омраза од двете страни гарантирајќи ја слободата на изразување

 Мора да се дефинира говорот на омраза користејќи една од постоечките меѓународни дефиниции, со оглед на арбитрарноста на обвинувањата за говор на омраза во последниве три години. Обврските за борба против говорот на омраза треба да бидат целосно реципрочни и да не се загрозува слободата на изразување.

Спречувањето на говорот на омраза не смее да биде инструмент на цензура што ќе ја негира слободата на изразување и ќе го регулира наративот во културата и творештвото.

Говорот на омраза може да се третира единствено од аспект на правото на ЕУ и меѓународното право, подеднакво во двете земји.

  1. Работата на историска комисија ослободена од диктат и без ограничување со рокови

Владата може да го дефинира процесот – што ќе прават двете влади кога ќе има резултат од работата на Комисијата – но, не може и не смее да прифати обврска на резултат, а уште помалку временски рокови. Комисијата треба да работи без диктат и каков и да е политички притисок.

Треба да се обнови предлогот за интернационализација на работата на Комисијата, затоа што не се работи за „билатерална историја“, туку за европска и светска историја.

Comments are closed.