Консензус за евроатлантската перспектива, но не и за референдумот
Во понеделникот (3 септември 2018 година) во хотелот Мериот се одржа тркалезна маса под насловот „Евроатлантска иднина за Македонија?“, на која учествуваа г. Никола Димитров, министер за надворешни работи на Република Македонија, специјалниот претставник за Југоисточна европа, Турција и земјите од ЕФТА на С.Р. Германија, амбасадорот д-р Кристијан Хелбах, г. Никола Попоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции, како и г. Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократија во Софија, а дебатата ја модерираше д-р Симонида Кацарска, директорка на ЕПИ.
Тркалезната маса ја организираа Аспен институтот од Берлин, Институтот за европска политика – Скопје, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, како и Центарот за економски анализи, со поддршка на Министертвото за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
На тркалезната маса се дискутираше за претстојниот референдум и значењето од неговиот исход, како и за напредокот на Република Македонија во однос на евроатлантските интеграции. Претставниците од институциите, странските дипломатски претставништва, граѓанските организации и независните експерти имаа прилика да постават прашања и да се вклучат во дискусијата по воведните излагања на говорниците.
Специјалниот пратеник на Германското МНР, господинот Хелбах, им порача на граѓаните и на политичките партии да не ја пропуштат шансата, бидејќи според него, нема план Б за Македонија. „Вашата земја има евроатлантска перспектива. За жал, вашата европска интеграција предолго време беше закочена поради проблемот со името. Ова прашање трае многу подолго и тоа не само што ја врати вашата земја назад, туку беше болно и за нас. Кај нас постои интерес за приближување на вашата земја кон ЕУ и НАТО и тоа не само на вашата земја, туку и на целиот Западен Балкан и тој интерес е пред сè од безбедносен аспект“, изјави Хелбах за време на прес-конференцијата.
За време на дискусијата, господинот Хелбах се осврна на неизјаснувањето на најголемата опозициска партија за референдумот, при што порача дека одлуката на опозицијата може да направи разлика на подобро или полошо, што е навистина сериозно и дека е потребно сите страни да ја понесат одговорноста за овој момент.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и поранешен министер за надворешни работи, Никола Попоски, изјави дека опозицијата стои на ставот дека најдобриот избор на Македонија е евроатлантската интеграција.
Прашан во врска со ставот на ВМРО-ДПМНЕ, или пак личниот став за референдумот, тој одговори дека доколку тој би одлучувал, тогаш партискиот став би го градел со консултирање на членството по принципот „еден човек – еден глас“.
„Многу е погрешно доколку имате многу различен став во однос на тоа што мисли мнозинството, а што мисли елитата. Но тоа кога го правите треба многу отворено и директно да ги информирате за опциите. Значи, колку што треба да кажете колку има лоши сегменти во Договорот, треба да има кажете и кои се последиците од неуспевање или неспроведување на Договорот“, додаде Попоски.
Сепак, насоката на Македонија според Попоски е јасна. „Нас НАТО ќе ни биде добар сигнал за безбедност и сигурност и ќе придонесе кон повеќе инвестиции. Влезот во ЕУ ќе придонесе кон подобар живот за граѓаните. На крајот од денот, се` од нас зависи“, кажа Попоски во врска со стратешката насока на државата.
Руслан Стефанов од Центарот за изучување на демократијата во Софија го пренесе искуството од државите кои пристапија во Европската Унија во блиското минато. „Ако ги погледнеме Бугарија, Хрватска, Романија и останатите, гледаме дека не се сите проблеми решени со нивниот влез во ЕУ. Но, користејќи ги придобивките и инструментите на ЕУ, државите го подобрија квалитетот на животот на нивните граѓани“, кажа Стефанов.