Шведското реноме и предизвиците на претседателствувањето со ЕУ

Јан 08, 2023

naum.lokoski

Осврти

0

Приоритетите на шведското претседателство не се изненадување. Тие се континуитет на приоритетите на чешкото претседателство, секако со истакната шведска боја. Концизната програма навестува фокусиран ангажман на административниот апарат и искусната дипломатија на оваа нордиска земја. Меѓутоа, далеку од тоа дека се очекува претседателствувањето да мине без предизвици. Некои од нив доаѓаат од самата политичка констелација внатре во Шведска, а повеќето – од меѓународните констелации и состојбите во ЕУ.

Малцинската среднодесничарска влада на Шведска ја има поддршката од крајнодесничарските Шведски демократи, па аналитичарите се прашуваат во која мера тоа ќе има влијание на претседателствувањето, наспроти уверувањата од премиерот Кристерсон дека влијанието на оваа партија ќе остане во рамките на шведските внатрешно-политички прашања.

Најголемиот предизвик секако е војната во Украина и оттаму првиот приоритет на Програмата е „Безбедност – единство“. Продолжувањето на поддршката на Украина, вклучувајќи ја и финансиската од 18 милијарди евра, е една од првите задачи. Прашањето, пак, на конфискација на замрзнатите руски средства ќе биде „жежок костен“. И самиот шведски премиер признава дека некои аспекти на овој приоритет се предвидливи, но други – како самиот тек на војната – не се. Оттаму, Шведска најавува подготвеност и за управување со кризи, кои војната може да ги наметне. Треба да се има предвид и дека на маса е шведската кандидатура во НАТО, сѐ уште под турска блокада. Забележливо е дека Програма има и еден поглед напред за украинската криза, подготовка за пост-воениот период кон „реконструкција и реформа за евроинтеграција“, нагласувајќи ја и потребата од меѓународна платформа за координација на реконструкцијата.

Клучниот предизвик за вториот приоритет „Конкурентност“ се различните погледи внатре во Унијата, особено во поглед на можните одговори на силната американска буџетска поддршка на нивните компании, со можни силни последици на трговијата со ЕУ. Шведското претседателство ќе биде поставено пред барање компромиси меѓу шведскиот пристап на отворен пазар, јакнење на конкурентноста и иновативноста наспроти француските и италијанските заложби на американскиот предизвик да се одговори со соодветни (заштитни) мерки.

Третиот приоритет е зелената и енергетска транзиција. Од Шведска, како лидер во ова поле, се очекува засилен и кредибилен ангажман. Иако не се предвидуваат нови ургентни состојби во областа на енергетиката, остварувањето на овој приоритет нема да биде лесно, зашто во овој шестмесечен период треба да завршат меѓуинституционалните преговори за легислативниот пакет мерки од Програмата „Подготвени за 55“.

Конечно, четвртиот приоритет, очекувано, се демократските вредности и владеењето на правото. Нагласена е борбата против организираниот криминал, но и прашањето на имиграцијата.

Веројатно е дека низ призмата на овој последен приоритет ќе бидат проценувани и односите со Западниот Балкан, како што и е и наведено во Програмата. Инаку, Програмата е прилично шкрта на зборови во однос на проширувањето и Западниот Балкан, велејќи дека ќе го продолжи „интеграцискиот процес за државите од Западниот Балкан“, со поддршка за реформите во пристапниот процес, секако приоретизирајќи ги судството и владеењето на правото. Меѓутоа, како и многу пати досега, идната активност на претседавачот не може да се предвиди само по шкртоста или богатството на ветувањата, туку по конкретните чекори.

Оттаму, може да се очекува внимателност, но и доследност. Шведска има јасна стратегија за поддршка на реформите во регионот и е силно присутна преку своите дипломатски претставништва и спроведувањето на посебната Програмата за поддршка на реформите – СИДА. Оттаму, тековниот претседавач со ЕУ е и добар познавач на состојбите на Балканот. И во нејзината професионална машинерија ангажирана за Претседателството се искусни дипломати кои го знаат Балканот, а меѓу нив и државниот секретар за европски прашања Кристиан Даниелсон, меѓу другото, и како поранешен генерален директор во Генералниот директорат за проширување.

Иако аналитичарите проценуваат дека Западниот Балкан ќе биде во сенка на војната во Украина и следниве шест месеци, Шведска ќе мора да се соочи и со кризите што тлеат на Балканот, а ЕУ веќе подолго време е во модусот на „гасење на пожарите“, пред сѐ – состојбите на северот на Косово и во Босна и Херцеговина.

Анализа за „Порталб.мк“ и „Мета“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.