Работилница: Каков е напредокот и кои се предизвиците за подобрување на состојбата со човековите права?
За плановите и приоритетите на Владата по билатералниот скрининг, како и за плановите за мониторинг на граѓанските организации во оваа насока денес дискутираа релевантните државни актери одговорни за различни области од темелните права, вклучени во процесот на пристапување на Севера Македонија во ЕУ и граѓанските организации кои работат на владеењето на правото и темелните права на работилницата за координирање на темелните права во поглед на пристапувањето во ЕУ.
Работилницата ја водеа Фросина Тасевска, државна советничка за европска интеграција во Министерството за правда и Христина Коневска-Беровска раководителка на Секторот за интеграција во Секретаријатот за европски прашања.
Тие зборуваа за степенот на подготвеност и усогласеност, заедно со предизвиците на кои ќе треба да се работи за подобрување на состојбата со човековите права во Северна Македонија.
Вториот дел од работилницата беше посветен на размената на добри практики и искуства со земјите-членки на ЕУ и земјите кои моментално се во преговарачки процес за влез во ЕУ за координирање на темелните права во однос на пристапувањето во ЕУ.
За хрватското искуство и предизвиците во координирањето на основните права во поглед на пристапувањето во ЕУ зборуваше Иван Новосел, директор на програми во „Куќата на човекови права“ од Загреб.
Предизвиците на Србија во обезбедувањето на правата на граѓаните во процесот на пристапување во ЕУ и што треба да се направи за да се подобри ситуацијата ги претстави Јована Спремо, Советничка за прашања поврзани со интеграцијата во ЕУ од Комитет на правници за човекови права од Белград.
Оваа работилница се одржа во рамки на проектот „Унапредување на темелните права во пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ”, финансиран од Civil Rights Defenders кој цели да придонесе кон обновување на фокусот на темелните права како дел од Поглавјето 23, како и да поддржи значајно вклучување на граѓанските организации и политички дијалог за темелните права во однос на пристапувањето во ЕУ.