Фондот за обнова и отпорност – нова финансиска инјекција во ЕУ
Фoндот за обнова и отпорност е најголемиот дел од Инструментот „Нова генерација ЕУ“, тежок околу 800 милијарди евра, востановен за да се поттикне развојот по пандемијата. На овој фонд отпаѓаат 672, 5 милијарди евра, од кои 312, 5 милијарди се дотации (грантови), додека 320 милијарди евра се заеми. Фондот поддржува шест т.н. столба: 1) зелена транзиција; 2) дигитална трансформација; 3) економска кохезија, продуктивност и конкурентност; 4) социјална и територијална кохезија; 5) здравствена, економска, социјална и институционална отпорност; 6) политики за следната генерација. Напоменуваме дека се работи за нов инструмент, покрај постојните структурни фондови на Унијата.
Критериумите за распределба по држави за дотациите се засновани главно на населението, обратен БДП по жител, како и невработеноста, но и на растот на БДП во периодот 2020-2021 година. Максималниот износ на заеми е до 6,8% од бруто домашниот доход. Државите членки ги користат средствата врз основа на национални планови за обнова и отпорност, по нивното одобрување од страна на Европската комисија, откако Советот на ЕУ ќе ја усвои одлуката за имплементација.
Право на најмногу дотации имаат Шпанија и Италија – по околу 69 милијарди евра, а на најмалку – најмалите Луксембург и Малта, до 300 милиони евра. Во табелата се прикажани податоците за максимални можни дотации и заеми по држава.[1]
Држава | макс. дотации (милијарди евра) | макс заеми
(милијарди евра) |
Шпанија | 69,5 | 84,8 |
Италија | 68,9 | 112,8 |
Франција | 39,4 | 168,4 |
Германија | 25,6 | 240,9 |
Полска | 23,9 | 34,8 |
Грција | 17,8 | 12,4 |
Романија | 14,2 | 15,0 |
Португалија | 13,9 | 14,2 |
Унгарија | 7,2 | 9,7 |
Чешка | 7,0 | 14,3 |
Словачка | 6,3 | 6,3 |
Хрватска | 6,3 | 3,7 |
Бугарија | 6,3 | 4,2 |
Холандија | 6,0 | 55,3 |
Белгија | 5,9 | 32,8 |
Австрија | 3,5 | 27,2 |
Шведска | 3,3 | 33,2 |
Финска | 2,1 | 16,4 |
Литванија | 2,2 | 3,2 |
Латвија | 2,0 | 2,0 |
Словенија | 1,8 | 3,2 |
Данска | 1,6 | 21,9 |
Кипар | 1,0 | 1,5 |
Ирска | 1,0 | 18,7 |
Естонија | 1,0 | 1,9 |
Малта | 0,3 | 0,8 |
Луксембург | 0,1 | 2,7 |
Од секој национален план минимум 37% од средствата треба да се посветени на цели поврзани со климата, додека минимум 20% – на цели поврзани со дигиталната трансформација. По одобрувањето, државите членки можат да користат 13% од вкупните средства распределени на државата како авансно финансирање. Фондот се користи до 2026 година.
Дваесет и пет држави членки ги поднесоа своите планови до јули 2021 година. Холандија сѐ уште го нема поднесено планот. Последниот одобрен план е оној на Бугарија – поднесен во октомври 2021 година, а одобрен на 7 април оваа година. Плановите за Унгарија и Полска не се одобрени – за нив Комисијата разгледува покренување на постапка за условеност врз основа на непочитување на владеењето на правото. Иако за Унгарија таа е веќе најавена, сѐ уште нема информација дека официјално е отпочната.
Мерките предвидени во националните планови се најразновидни, како на пример: реновирање на станбени згради за зголемување на енергетска ефикасност; намалување на загадување од возила; унапредување системи за наводнување и канализација; подобрување пристап до финансии за мали и средни претпријатија; дигитални платформи за услуги на граѓаните; стимулирање зелени иновации; инвестиции во установи за детска заштита; вложувања во образованието и истражувањата, итн.
Според документот за дискусија кој го објави Европската комисија во јули 2021 година, се проценува дека Инструментот „Нова генерација ЕУ“ би имал голем национален, но и прелевачки ефект врз другите држави членки како дел од Единствениот пазар на Унијата. Во сценарио на брзо трошење до 2024 година се цени дека Инструментот би придонел за зголемување на растот на БДП во Унијата за 1,5%. Според второто сценарио на бавно трошење – до 2026 година, растот на БДП на ниво на ЕУ би бил поголем за 1,2%. Меѓутоа, засега нема проценки како дополнително ќе влијае кризата предизвикана од руската агресија врз Украина.
Според објавените податоци од Европската комисија, досега се исплатени 63 милијарди евра за авансно финансирање, додека дополнителни 42 милијарди се исплатени за одобрени дотации. Финансиските инјекции во државите членки на ЕУ забрзано се вбризгуваат и секако се очекуваат позитивни последици – најмногу за оние кои најефективно ќе ги искористат средствата.
Освен некаков прелевачки ефект врз Западниот Балкан поради неговата поврзаност со пазарот на Унијата, друг ефект во регионот не би можел да се очекува. Сосема спротивно, реален е ризикот од зголемување на разликите, односно на дивергенцијата меѓу ЕУ и регионот, кој останува на расположивите средства само од Инструментот за претпристапна помош, a тој изнесува вкупно 9 милијарди евра за периодот од 2021-2027 година.
[1] Според официјално објавените податоци на Европската комисија и Европскиот парламент.
Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика