За европеизацијата и деевропизацијата
Во сложени времиња ќе си дозволиме да користиме сложени зборови. Токму таков се чини поимот на европеизација, кој некако сѐ поретко го слушаме последниве години. Сепак, теоријата не мирува, па на „европеизација“ му додаде и негов антипод „деевропеизација“.
Дефиницијата на европеизацијата на Радаели од 2003 година, е прифатена во теоријата како ретко која друга. Еве и како гласи: „процеси на а) изградба б) распространување (дифузија) в) институционализација на формални и неформални правила, постапки, парадигми на политиката, стилови „начини на кои се прават работите“ и споделени убедувања и норми, коишто најпрвин се дефинираат и консолидираат во донесувањето на одлуките на ЕУ , а потоа се вградуваат во логиката на домашниот дискурс, идентитети, политички структури и јавни политики“. Да ја прикажеме и поедноставната дефиниција на авторите Винк и Грациано – „процес на домашно приспособување кон Европската регионална интеграција“.
Првично, концептот на европеизација се применуваше само на членките на ЕУ. Во подоцнежни фази почна да се применува и пошироко – во однос на поблиското и подалечното соседство на Европската унија. Основната теза е дека колку подалеку се државите од ЕУ – толку помалку ефикасни се механизмите на европеизацијата. Секако – не се мисли само географски. Зашто, на пр. Исланд не е географски блиску до ЕУ, но како членка на Европската економска област, е многу блиску.
Во текот на проширувањето со државите Централна и Источна Европа, европеизацијата стана не само теоретскa основа, туку и практична ознака за процесот на промени насочени кон ЕУ, на нивните политички, економски и управни системи. Тој успешно функционираше, пред сѐ, заради јасната и временски одредена перспектива за членство и политиката на условеност. Дополнителен фактор за успешноста беше фактот што цената на приспособувањето беше далеку пониска од цената на членството во ЕУ. Работите како да почнаа да се менуваат кога овие држави станаа членки на ЕУ. Условеноста повеќе не може да функционира, затоа што сега новите држави членки имаат исти права како и старите. Наместо условеноста треба да функционира спроведувањето на правото на ЕУ – во тоа се сите држави членки еднакви. Меѓутоа, стануваат проблем оние области кадешто нема доволно ефикасни механизми на спроведување на правото, како што е почитувањето на демократските вредности или владеењето на правото. Секако – и областите за кои е неопходен консензус, како што се на пример донесувањето на Буџетот на Унијата или пристапувањето на нови држави членки. И така, се случува во еден ден Полска и Унгарија да го блокираат донесувањето на буџетот, затоа што не сакаат дел од неговите средства да биде условен со принципот на владеењето на правото, а Бугарија – да најави блокада за преговорите со Македонија, затоа што сака да ѝ го смени идентитетот.
Не е чудо што во теоријата почна да се применува и поимот „де-европеизација“, означувајќи процес на назадување од веќе постигнатото ниво на европеизација. Можеби е најмногу користен за случајот на Турција, но предмет на интерес се и те како и новите, погоре веќе споменати членки на Европската унија.
Нормално, нас најмногу нѐ интересира како фукционира европеизацијата во државите од Западниот Балкан. За жал – не многу, иако, барем досега, не се користи терминот де-европеизација. Основната причина е што условеноста не може да биде успешна кога понудата за членство е неизвесна. Добивките, особено за политичката елита се далечни, а политичката, па и економската цена на реформите е висока.
Уште само за еден значаен елемент на теоријата на европеизација. Наспроти механизмот на условеност стојат механизмите на социјализацијата и учењето. Нивната основа се нормите и вредностите, кои државите членки ги пренесуваат на кандидатите, односно кандидатите сами учат од државите членки. Тие досега се покажаа како помалку ефикасни од условеноста. Меѓутоа, сега се поставува прашањето – дали тоа ќе важи долгорочно, имајќи предвид дека условеноста досега даде само краткорочни резултати? Или пак спротивното прашање: како, имајќи ја предвид дефиницијата на Радаели за европеизацијата, ќе ги вградуваме нормите, процесите, формалните и неформалните правила…, кога тие се длабоко нагризени во самата ЕУ? Вирусот на де-европеизација е опасен. Прашање на избор е дали ќе носиме маска или не.
Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика