ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ ЈА ПОВИКУВААТ ВЛАДАТА НА РСМ да ја промени одлуката за драстично намалување на финансиската поддршка за граѓанското општество

Граѓанското општество и Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор ја повикуваат Владата на Република Северна Македонија да ја преиспита и промени својата одлука за драстично намалување на финансиската поддршка за граѓанските организации, објавена во Службен весник на РСМ на 9 април 2020 година.

 

Оваа одлука со која финансиската поддршка, зависно од институцијата, или целосно се укинува или сериозно се намалува, е донесена на нетранспарентен начин, без консултација со граѓанските организации, засегнатите страни и пошироката јавност, што говори за непринципиелниот однос на Владата кон граѓанското општество во ова кризно време. Со одлуката со која се намалуваат приближно 525.000 евра неопходна поддршка, државата де-факто го иззема граѓанското општество како релевантен партнер во справувањето со кризата предизвикана од епидемијата на COVID-19.

 

Препознавајќи ја итноста на ситуацијата, граѓанските организации уште од самиот почеток на епидемијата многу брзо и ефикасно се мобилизираа, ги ставија на располагање сите свои ресурси и преку низа активности обезбедија директна и хуманитарна помош за најпогодените граѓани. Оваа брза реакција за преземање активности кои се од огромно значење за граѓаните, но и за директно справувањето со кризата, за жал Владата на РСМ не ја препознава како партнерство во борбата со COVID-19. Дотолку повеќе, одлуката за намалување на финансиската поддршка на Владата на РСМ сериозно ја отежнува одржливоста и тековната работа на организациите, особено во однос на нивната помош и поддршка на заедниците во време на криза.

 

Граѓанските организации се клучен сегмент во едно демократско општество, тие имаат вештини, знаење, услуги и пристап до приоритетните целни групи, коишто најчесто се многу посоодветни од оние на државните институции. Оваа вонредна состојба, сериозно го погоди и граѓанското општество заедно со сите останати сегменти. Намалувањето на финансиската поддршка го лишува секторот од значаен извор на средства неопходни за функционирање во и вон услови на криза, ја загрозува достапноста на поддршката што организациите ја пружаат на граѓаните и во крајна линија ќе доведе до ситуација во која луѓе од секторот ќе останат без основниот извор на приходи.

 

Граѓанското општество има целосно разбирање за кризната состојба во која се наоѓаме, како и за потребата од солидарност, но во услови кога граѓанските организации работат на санирање на штетите од новонастанатата ситуација, со што помагаат на Владата на РСМ во справувањето со здравствената криза, вакви сериозни намалувања ќе бидат штетни по долгорочната работа на граѓанските организации.

 

Заради тоа ја повикуваме Владата да ја промени својата одлука и преку дијалог и на транспарентен начин да врати дел од средствата за нивната првична намена – поддршка на граѓанските организации за остварувањето на нивните мисии и цели, но особено за поддршка на активностите за справување со кризата предизвикана од епидемијата.

Официјалната реакција е доставена до Владата на РСМ, a целосниот текст можете да го најдете на следниот линк:

 

Со почит,

Совет за соработка со и развој на граѓанскиот сектор и Асоцијација за демократски иницијативи, Гостивар; Блупринт група за реформи во правосудството; Виа вита, Битола; Доверба, Скопје; ЕГАЛ, Скопје; ЕХО – Едукативно-хуманитарна организација, Штип; Заедно посилни; Здружение Гласен Текстилец, Штип; Здружение Глобал, Битола; Здружение за давање услуги на лицата со попреченост ХЕНДИМАК, Тетово; Здружение за дислексија АЈНШТАЈН; Здружение за едукација на земјоделци Зелена берза, Битола; Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ; Здружение за истражување и анализи ЗМАИ; Здружение за поддршка на маргинализирани работници СТАР-СТАР; Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т., Прилеп; Здружение за рурален развој Локална акциона група Агро Лидер, Кривогаштани; Здружение за унапредување и заштита на правата на работниците Достоинствен работник, Прилеп; Здружение Мултикултура, Тетово; Здружение Национален ромски центар, Куманово; Здружение Ромски деловен информативен центар на Македонија – ЗРДИЦМ; Зона, Кавадарци; Избор, Струмица; Институт за демократија „Социетас цивилис“; Институт за европска политика; Институт за човекови права; ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците; Коалиција „Сите за правично судење“; Коалиција Маргини; Конект; ЛГБТИ Центар за поддршка; Македонска платформа против сиромаштија; Македонски центар за меѓународна соработка; Македонско здружение на млади правници; Медиа Плус, Штип; Младински клуб, Штип; Младински културен центар – Битола; Младински образовен форум; Мрежа за спречување и заштита од дискриминација; Национален младински совет на Македонија; Национална мрежа против насилство врз жените и семејно насилство; НВО „КХАМ“, Делчево; НВО Инфоцентар; Независен академски синдикат – НАкС; Опција, Охрид; Платформа на граѓански организации за борба против корупција; Платформа за родова еднаквост; ПРОФИЦИО – мултиетничка толеранција преку економски просперитет; Пулс, Куманово; Реактор – Истражување во акција; Регионално географско друштво ГЕОСФЕРА, Битола; Рурална коалиција, Куманово; Сојуз на здруженија за рурален развој Мрежа на ЛАГови, Кривогаштани; Транспаренси Интернешнл – Македонија; Транспарентност Македонија; FINANCE THINK – Институт за економски истражувања и политики; Фондација за дебата и едукација ИДЕА Југоисточна Европа; Фондација за интернет и општество Метаморфозис; Фондација за развој на локалната заедница, Штип; Фондација Отворено општество – Македонија; Фондација ЦЕЕД Македонија; Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“; ФОРУМ – Центар за стратегиски истражувања и документација; ХЕЛП, Гостивар; Хелсиншки комитет за човекови права; ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување; ХОПС – Опции за здрав живот Скопје; Центар за граѓански комуникации; Центар за едукација и тренинзи АКТИВ ЛАЈФ, Тетово; Центар за истражување и креирање политики; Центар за истражувачко новинарство СКУП Македонија; Центар за правни истражувања и анализи; Центар на заедницата на општина Струга, Струга

Comments are closed.