ПРЕПОРАКА СО ИДНИНА?
Препораката е повторена. За разлика од последната препорака од 2014 година, којашто повеќе беше утешна, оваа препорака е со перспектива. Извештајот ѝ дава ветар во едра на Владата за: 1. реформите 2. решавање на спорот со името. Препораката е зајакната со напредокот во исполнувањето на Договорот од Пржино и Итните реформски приоритети. Исклучително поволните оценки се однесуваат најмногу на односот на Владата кон основните принципи на владеењето на правото, дијалогот со општеството и опозицијата, како и превземените чекори за одвојувањето на државата од партијата.
Во овогодинешниот извештај има „добар напредок“ единствено во поглавјата поврзани со политичките критериуми – Поглавје 23 и Поглавје 24. „Одреден напредок“ е забележан во 23 поглавја, а напредокот е еднаков на 0 и препораките не се спроведени во дури 8 поглавја. Се препорачува преземање на итни мерки за зајакнување на капацитетите за усогласувaње со acquis и координација на европската интеграција – како административните, така и политичките капацитети. Ова е следниот клучен приоритет, ако Македонија има претензии сериозно да го пречека датумот за почеток на преговори.