Извештајот во сенка за Поглавје 23 дискутиран на дијалог за политики со клучните чинители

ЕПИ го одржа традиционалниот дијалог за политики на кој се дискутираше Извештајот во сенка за Поглавје 23 за периодот октомври 2023 – септември 2024.

На овој настан отворено се дебатираше за имплементацијата на реформите во Поглавјето 23 од страна за граѓански организации, национални институции и експерти.

Имајќи предвид дека квалитетни и одржливи решенија во Поглавјето 23, претставуваат клуч за интеграцијата во евроатлантските структури, коментарите и дискусијата од настанот ќе бидат интегрален дел од финалната верзија на Извештајот во сенка, кој понатаму ќе биде презентиран и споделен со клучните национални и меѓународни засегнати страни.

Овој Извештај во сенка ги обединува во единствена кохерентна целина сите наоди, заклучоци и препораки што произлегоа од следењето на областите содржани во Поглавјето 23 – правосудство и темелни права. Ова е 9-ти ваков извештај што го објaвува Институтот за европска политика – Скопје, земајќи ги предвид коментарите и мислењата на граѓанските организации и релевантните државни институции. Извештајот го опфаќа периодот од почетокот на октомври 2023 година, заклучно со крајот на септември 2024 година.

Извештајниот период во областа на правосудството беше од особено значење за следење на имплементацијата на препораките од Оценската мисија на ЕУ за работата на Судскиот совет. Овие препораки се вградени во новата Развојна секторска стратегија за правосудството (2024–2028), заедно со Акциски план, чиј дел од мерките се вклучени и во Реформската агенда на Северна Македонија во рамки на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Сепак, покрај овие напори, бројни негативни случувања во институциите на судството ја нагласија потребата од суштински и практични реформи, како и доследна имплементација на европските стандарди.

Последните измени на Кривичниот законик, како и бавната имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата и недостатокот на човечки, технички и финансиски ресурси во релевантните институции придонесоа кон општиот заклучок дека нема значаен напредок во борбата против корупцијата.

Исто така, генерално во областа на фундаменталните права нема значајни промени во Република Северна Македонија во извештајниот период, бидејќи се забележани проблеми во различни области, како ограничувања на слободата на изразување и слободата на медиумите, пренатрупаност и инциденти во затворските установи и недостаток на напредок во законодавството за родова еднаквост.

Comments are closed.