REpowerEU – нов план за безбедно снабдување на ЕУ со енергија
Кога пред околу една година се вжешти кризата со енергенсите малкумина предвидуваа дека тоа ќе биде подолгорочно. Агресијата на Русија врз Украина целосно ги промени прогнозите и плановите, а енергетиката уште поцврсто се поврза со гео-политиката.
Зависноста од руските енергенси (гас – 45,3%, нафта – 27%, јаглен – 46%) ги оневозможи поострите санкции на ЕУ кон Русија. Иако руски енергенси сѐ уште патуваат кон ЕУ, интензивно се подготвуваат плановите за нивната замена. Планот REpower, кој го претстави Европската комисија на почетокот на март, предвидува мерки во три области:
- Интервенции за контрола на цените;
- Полнење резерви на гас за следната зима;
- Намалување на зависноста од рускиот гас.
Веќе енормните цени на енергенсите Европската комисија предлага да се контролираат со продолжување на можноста за нивно регулирање, државна помош, како и оданочување на екстра профити и приходи од шемите за тргување емисии на јаглерод.
Краткорочна мерка е полнењето резерви на гас за следната зима, што досега претставуваше едно од тесните грла.
Клучната област на интервенции, што предизвика најмногу внимание и заради нејзината долгорочност, но и заради последиците што ќе ги предизвика е намалување на зависноста од рускиот гас. Главна е определбата да се забрза реализацијата на целите од Планот “Fit for Europe 55” (до 2030 година), при што амбициозни таргети се предлагаат и за до крајот на годинава.
Главните досега предложени мерки содржат:
- Мерки на енергетска ефикасност (топлотни пумпи, соларни покриви, итн.);
- Забрзување на дозволите и проектите за обновлива енергија;
- Диверзификација на снабдувањето со гас;
- Забрзување на декарбонизацијата, вклучувајќи и премин кон обновлив водород (зголемување на производството и јакнење на инфраструктурата за увоз);
- Дуплирање на таргетите за производство на био-метан (земјоделско производство, итн.)
Овие главни насоки се потврдени на неформалниот самит на шефовите на држави и влади одржан во Версај на 11 март, како и на Европскиот совет од 24 и 25 март оваа година. На Европскиот совет се придружи и претседателот на САД Бајден, а во заедничката изјава е нагласена и соработката на ЕУ и САД со цел намалување на зависноста од руските фосилни горива, како и транзиција кон обновлива енергија.
Сепак, мерките предложени од Европската комисија сѐ уште не се целосно дефинирани и усвоени од Советот на ЕУ. Затоа се дава простор да се изјаснат државите членки и засегнатите страни, за Планот да се донесе до мај оваа година.
Ова време е драгоцено и за државите од регионот да се вклучат во креирањето на мерките на политиката, особено што веќе постои заедничка рамка во оваа област – Енергетската заедница, во која се вклучени државите од регионот, но и Украина, Молдавија и Грузија. Во постојните документи на ЕУ се предвидува овие држави да можат да учествуваат во доброволните заеднички набавки на државите членки на ЕУ на гас, течен природен гас и на водород. Ова беше поздравено од претставници на државите во регионот, вклучувајќи ја и нашата влада. Сепак, засега не е видлива нивна позначителна вкчученост во креирањето на новите политики или пак, проценки за нивното влијание во регионот (ниту на ниво на Енергетската заедница или Регионалниот совет за соработка).
Енергетското престројување на ЕУ нема воопшто да биде едноставно. Како што предупредува економскиот тинк-тенк Бројгел, ќе треба да се донесат тешки одлуки во извонредно кусо време, така што не може да се очекуваат совршени решенија. Замената на рускиот гас, според овој Институт, носи три главни предизвици: 1) да се донесе што е можно повеќе гас во Европа, а тој да не се преплати; 2) дистрибуцијата на гасот во Европа и 3) дистрибуцијата на трошоците за оваа операција. Само за илустрација – и цените на течниот гас се двојно покачени изминатата година.
Конечно, тешко ќе можат да се предвиди развојот на настаните околу кризата предизвикана со руската агресија врз Украина, а поврзано со тоа – и глобалните текови и пазари на енергија, кои интензивно се престројуваат. Меѓу другото, експертите предупредуваат на можни поголеми последици за посиромашните држави – како во однос на цените на енергенсите, така и преку т.н. секундарни ефекти.