Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во сенка на посетата на германскиот канцелар Шолц на Балканот

Јун 12, 2022

naum.lokoski

Осврти

0

На крајот на француското претседателство, германскиот премиер одбра да го посети Балканот. И тоа не само „Западниот“ Балкан, туку и Бугарија, но и да присуствува на Самитот на државите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа во Солун – Грција. Да се потсетиме – овој процес е најстарата регионална иницијатива (од 1996 година), чија институционална поддршка е подоцна формираниот Регионален совет за соработка, со седиште во Сараево.

Главните пораки на канцеларот Олаф Шолц беа: Германија и натаму ќе биде клучен играч во регионот; останува перспективата за членство на државите од Западниот Балкан во ЕУ. Меѓутоа, останува и воздржаноста во поглед на временската рамка. И покрај честото напоменување дека процесот треба да се забрза, не се споменаа конкретни временски рамки.

Овој пат фокус на посетата беа две прашања: односите Белград – Приштина и одблокирањето на почетокот на преговорите со Македонија и Албанија.

Посетата донесе најмногу бранувања во поглед на односите Белград – Приштина. Видливо е дека притисокот на Германија врз Србија се зголемува во две насоки: усогласување со заедничката безбедносна политика на Унијата (санкции кон Русија) и меѓусебно признавање со Косово. Најголеми реакции и интерес предизвика изјавата на канцеларот Шолц, дадена на прес конференцијата во Приштина дека Србија и Косово ќе мора меѓусебно да се признаат пред членството во ЕУ. Иако овој германски став имплицитно е јасен долго време, српскиот претседател остро регираше на него, држејќи се до официјалната фромулација на ЕУ „нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“. И покрај притисоците, Србија засега останува на нејзините позиции, како во однос на санкциите кон Русија, така и во однос на признавањето со Косово. Втората новина е најавата дека Косово ќе поднесе барање за членство во ЕУ, кое премиерот Курти го најави за до крајот на годинава.

И по оваа посета, не пораснаа надежите дека ќе се одблокира почетокот на преговорите со Македонија и Албанија. Германскиот канцелар не вети ништо друго освен дека ќе направи сѐ за да отпочнат пристапните преговори. Сепак, беше прилично јасен дека макроновата „нова политичка заедница“ не е опција за нас. Тој се повикуваше на потребата од единство во ЕУ во овие геополитички услови и повтори, и во Скопје и во Софија, дека Северна Македонија ги исполнила сите услови. Во Софија тоа беше само прилика бугарскиот премиер Петков да ги нагласи постојано проширените услови на Бугарија – оние содржани во бугарската Рамковна позиција од 2019 година, дополнителното барање за менување на Уставот и посебно да го нагласи како трето – исполнувањето на билатералниот договор за пријателство и добрососедство.

Значајно внимание во целиот тек на посетата им беше дадено на германските инвестиции и воопшто стопанските односи со Германија, кои се од исклучително значење за сите држави во регионот. Канцеларот Шолц посебно ја издвои енергетската транзиција како предмет на германски интерес за поддршка и инвестиции.

Берлин е упорен да го оживее Берлинскиот процес и најавува поголем притисок за реализацијата на Регионалниот заеднички пазар. Не се крие воздржаноста во поглед на иницијативата Отворен Балкан. Шолц најави и одржување на Конференција наесен во Берлин.

Инаку, веќе за 23 јуни во Брисел е закажанa Конференцијата на високо ниво ЕУ – Западен Балкан, а се најавуваше и самит за време на чешкото претседателство во втората половина од годинава, но тој не е потврден.

Самитот, пак, на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан на 10 јуни во Солун, беше повод грчкиот премиер Мицотакис да се обиде да постави временска цел за членството на државите од Западниот Балкан во ЕУ – 2033 година, нарекувајќи ја „амбициозна, но остварлива“. Иако 2033 година сега ни се чини како блиска иднина, тоа се цели триесет години по Солунската агенда. За жал, оваа изјава не доби многу простор во јавноста кај нас, ниту пак е застапена во Декларацијата на Самитот.

Затоа, пак, многу публицитет во нашата јавност, веќе отапена за хумор, доби албанскиот премиер Еди Рама со саркастичното ословување на Македонија како „идна Западна Бугарија“. Да, саркастичен е како и секогаш, но е и луциден и точен во проценката на бугарската амбиција.

 

Анализа за „Порталб.мк“ од Малинка Ристевска Јорданова, Институт за европска политика

Comments are closed.