Поттикнување на социјалните права: клуч за закрепнување на ЕУ од Ковид-19
Со цел спротивставување со социјалното влијание од пандемијата Ковид-19, беше овозможена досега невидена финансиска поддршка од ЕУ . Многу луѓе во ЕУ, особено луѓе од ранливи категории, се соочија со намален пристап до здравствена заштита, грижа за децата, образование и интернет. Ова доведе до прекумерна смртност, сиромаштија, невработеност и социјална исклученост. Извештајот за фундаменталните права на ФРА за 2022 година го прикажува широкото влијание на пандемијата врз социјалните права. Исто така, сугерира како да се решат зголемените нееднаквости и заканите за општествената кохезија.
„Одговорот на пандемијата „Ковид-19“ и војната во Украина покажуваат како се справува Европската Унија кога се соочува со кризи,“ рече Директорот на ФРА Мајкл О‘Флаерти. “Дејствијата и финансирањето на ЕУ можат и прават значителна разлика, особено кога се поврзани со релевантни законски и политички обврски за заштита на социјалните права на
луѓето. Само ефективно следење на користењето на средствата ќе ги поддржи владите да обезбедат закрепнување од пандемијата во согласност со соодветните права. Исто така, ќе
ги поддржи во прилагодувањето на финансираните мерки со цел да се решат доволно социјалните ранливости на луѓето, особено на оние кои се најпогодени – децата и младите
луѓе.“
Извештајот за фундаменталните права 2022 година на ФРА го одразува развојот и недостатоците во заштитата на човековите права во ЕУ во изминатата година. Главен фокус на извештајот е влијанието на пандемијата врз социјалните права на луѓето, како што се образованието, вработувањето и здравствената заштита. Воедно се разгледуваат искуства на деца, млади, постари лица, лица со посебни потреби и други луѓе во ранливи ситуации. Исто така, се разгледува како земјите од ЕУ планираат да ги искористат 724 милијарди евра од финансирањето на ЕУ наменети за закрепнување од пандемијата со цел почитување на социјалните права.
Одејќи напред, владите треба да ги вклучат националните тела за човекови права или еднаквост во процесот на следење на фундаменталните права со мерките за закрепнување финансирани од ЕУ. Владите особено треба да бараат:
• исполнување на социјалните права на луѓето кои се најпогодени од пандемијата;
• проценка и приспособување на мерките финансирани од ЕУ, доколку е потребно, за да се осигура дека истите ги почитуваат и поттикнуваат социјалните права;
• осигурување дека користењето на финансиските средства за закрепнување на ЕУ е компатибилно со Повелбата за фундаментални права на ЕУ, како и со Конвенцијата за правата на лицата со попреченост на ОН (КПЛП).
Други клучни прашања за фундаменталните права во 2021 година вклучуваат:
• Детски права – пандемијата продолжи да влијае на благосостојбата и образованието на децата. Многу деца страдаа, особено оние од обесправени средини, ставајќи ги во зголемен ризик од сиромаштија и отфрленост. Првата Стратегија на ЕУ за правата на децата заедно со Европската гаранција за децата беа значајни пресвртници во обид да се поттикнат напорите за промовирање и заштита на правата на сите деца. Земјите на ЕУ треба да се осигураат дека нивните национални акциски планови ги исполнуваат целите на стратегијата и гаранцијата.
• Миграција – продолжија предизвиците по фундаменталните права на границите. Мигрантите се соочуваа со насилство или беа одбиени на копнените граници на ЕУ, додека над 2 000 мигранти загинаа на море. Земјите на ЕУ треба да спроведат ефикасен и независен мониторинг на границите за да се спротивстават на кршењето на правата.
• Расизам – пандемијата дополнително ја поттикна дискриминацијата, криминалот од омраза, а особено говорот на омраза на интернет кон мигрантите и етничките малцинства.
Надоврзувајќи се на Акцискиот план на ЕУ против расизмот во 2020 година, повеќето земји на ЕУ усвоија или развиваат национални акциски планови за справување со расизмот и етничката дискриминација. Со цел ги засилат своите напори, земјите на ЕУ треба да го казнуваат криминалот од омраза, да го охрабруваат пријавувањето и да обезбедат подобра поддршка на жртвите. Ова, исто така, вклучува реализација на акциски планови и стратегии преку информиран мониторинг.
Извештајот ги сумира и анализира главните случувања на полето на човековите права во ЕУ во 2021 година. Истиот содржи предлози за акција, опфаќајќи ја Повелбата за основните
права на ЕУ и нејзината употреба од страна на земјите членки; еднаквост и недискриминација; расизам и поврзана нетолеранција; инклузија и еднаквост на Ромите; азил, граници и миграција; информатичко општество, приватност и заштита на податоците; детски права; пристап до правда; и спроведување на КПЛП.
Институтот за европска политика заедно со нашите надворешни соработнички и оваа година го изработи извештајот за Северна Македонија.