Дискусија: Само за аплицирање за работа во јавна администрација се потребни повеќе од шест илјади денари
Потребни се промени на процесот за аплицирање на огласите за вработување во јавната администрација. За една апликација кандидатот треба да потроши околу 6000 денари само за да конкурира, што претставува проблем за младите бидејќи е значителна сума за невработени лица, кои можеби и нема да стигнат до понапредна фаза во процесот на вработување.
Ова беше еден од проблемите кои беа истакнати на дискусијата „Реформа на јавната администрација и младите – колку се тие вклучени и кои се нивните очекувања?“ организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ) и програмата АЛПИ од Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Во дискусијата учествуваа АЛПИ членови, претставници на подмладоците на политичките партии од земјава.
Истражувачите на ЕПИ, Јулијана Караи и Ангел Мојсовски го презентираа Националниот монитор за Реформа на јавната администрација, како и методологијата за негова изработка. Тие објаснија дека методологијата е унифицирана за сите земји од Западниот Балкан, во рамките на проектот ВеБЕР, како и дека истата ја следи методологијата на СИГМА.
Помеѓу прашањата и коментарите за методологијата и секторите кои се следат беше споменато дека треба да се вклучат и локалната и судската администрација во следењето и истражувањата.
Во текот на дискусијата беше истакнато дека младите имаат недоверба кон институциите поради неостварените ветувања од институциите и државата кон нив. Со цел подобрување на ситуацијата потребна е деполитизација и дигитализација на јавнат администрација, со цел истата да биде поотворена за младите.
Иако институциите ги соопштуваат потребните информации, сепак нивниот формат не е соодветен на младите, кои најчесто функционираат на Интернет.
Сепак, за решавање на сите проблеми со кои се соочува јавната администрација и перцепцијата на граѓаните за истата, потребна е политичка волја, која недостасува. Политичките партии го чувствуваат притисокот на дел од членството кое по изборите очекува вработувања во јавната администрација.
Целта на оваа дискусија беше да се поттикне разговор меѓу младите за политиките и реформите на јавната администрација во земјата и како тоа влијае врз нив. Истовремено, подмладоците на политичките партии се запознаа и одблиску со начинот на работа на невладините организации и нивните истражувања и следење на процесите во земјата.