Пандемијата ги влоши предизвиците со кои се соочува граѓанското општество
Граѓанските организации низ цела Европа нудат услуги, се вклучени во заедниците, подигнуваат свесност, застапуваат и ги држат одговорни властите. Но, тие исто така се соочуваат со закани, напади, намалување на финансирањето и непропорционални рестрикции. Ова се само дел од предизвиците со кои организациите кои работат со човекови права со соочуваат во некои делови од ЕУ, а пандемијата на коронавирусот ги влоши работните услови, потенцира новиот извештај на Агенцијата за темелени права на ЕУ (ФРА). ФРА ги повикува креаторите на политики да поттикнат поповолна работна средина за граѓанското општество, помагајќи да се реализираат човековите права за сите.
„Силно и здраво граѓанско општество е крвотокот на нашата демократија. Сепак, во некои земји граѓански организации се под огромен притисок“, изјави директорот на ФРА, О’Флерти. „Иако постојат неколку оази на надеж, ЕУ и земјите од ЕУ треба да ги поддржат граѓанските организации насекаде, за да може да ја исполнат својата витална улога и да ги бранат нашите темелни права“.
Извештајот на ФРА „Заштита на граѓанскиот простор во ЕУ“ фрла светло на предизвиците со кои се соочува граѓанското општество низ ЕУ. Онлајн консултациите со преку 400 граѓански организации кои работат на заштита на човековите права направени за потребите на извештајот откриваат:
– Влошени услови – повеќе од половина од граѓанските организации (57%) кажаа дека нивните услови за работа се влошиле во 2020 година;
– Закани и напади – 40% добиле вербални закани оналјн, една третина (33%) пријавиле кампањи за оцрнување на нивните организации, а 10% доживеале правно малтретирање;
– Ограничена слобода – многу организации пријавуваат потешкотии во практикување на нивната слобода на собири (29%), слобода на изразување (25%) и слобода на здружување (18%);
– Недостаток на финансии – повеќе од половина (60%) имале потешкотии во пронаоѓањето на финансиски средства за нивната работа;
– Ограничена вклученост – речиси половина (46%) немале соодветни информации за вклучување во донесувањето одлуки и јавните консултации.
Но, овој извештај исто така ги потенцира и позитивните движења и ветувачките практики. Помеѓу нив се и тоа што властите јавно даваат признание за важноста на работата на граѓанското општество, целосно ги вклучуваат граѓанските организации во градењето на политики или ја намалуваат бирократијата за регистрација на невладина организација.
Водејќи се од овие три позитивни примери, ФРА им препорачува на ЕУ и земјите на ЕУ да:
– Ги следат случувањата – да ги следат предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации и да најдат начин брзо да одговорат на препреките;
– Ги заштитат правата – да обезбедат дека законите на ЕУ и националните закони го зајакнуваат правото на слобода на изразување, собирање и здружување;
– Обезбедат финансирање – да ги адресираат потребите на граѓанското општество со финансирање од ЕУ и да ги отстранат пречките за финансирање;
– Поттикнат дијалог – да поддржат отворен, транспарентен и редовен дијалог помеѓу креаторите на политики и граѓанското општество на ЕУ, национално и локално ниво;
– Го заштитат граѓанското општество – да обезбедат ефективна заштита од напади и административно малтретирање.
Овој извештај е базиран на докази собрани од страна на мрежата за истражување на Агенцијата во 2020 година, две онлајн консултации со граѓански организации и истражување. Овој извештај е надоградба на извештајот на ФРА од 2018 година за предизвиците на граѓанското општество.