Хрватските искуства за реформите во правосудството тема на студиската посета организирана од ЕПИ

Претставници од македонските институции и организации кои работат во делот на правосудството разменија искуства и препораки во овие области со нивните колеги од Хрватска. Виртуелната студиска посета беше организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ) во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“.

 

ЕПИ, како организација која подолго време ги следи реформите во правосудството и Поглавјето 23 од преговорите за членство во ЕУ на овој начин се обидува да ги поврзе македонските со хрватските правници. На тој начин ќе се отворат можности и простор за соработка и пренесување на искуства кои ќе бидат корисни за Северна Македонија на патот кон полноправно членство во ЕУ.

 

Состаноците се одржаа од 28 јуни до 8 јули 2021 година, а на нив претставници од македонските институции и организации одржаа состаноци со хрватската Правосудна академија, Министерството за правда и јавна администрација на Хрватска, како и со граѓански организации кои работат во областа на правосудството. Хрватските претставници ги споделија и прикажаа искуствата и предизвиција со кои Хрватска се соочуваше и се соочува во делот на имплементација на реформите во правосудството. Особено внимание беше обратено на Поглавјето 23, пред членството во ЕУ, за време на преговорите, но и потоа.

 

За структурата, организацијата и работата на хрватската Правосудна академија, како и соработката на истата со граѓанскиот сектор,  одделни стручни здруженија и регионални и меѓународни институции се зборуваше на првиот ден од студиската посета. Претставниците од хрватската академија ја истакнаа потребата и го споделија нивното успешно искуство со воспоставување на  учење од далеку, како и дигитализацијата на судството. Дополнително, ги споделија лошите и добрите промени во делот на реформите пред пристапување во ЕУ и укажаа на различниот обем кој соработката на граѓанскиот сектор со државните институции го има по пристапувањето во ЕУ.

 

На состанокот помеѓу претставниците од министерствата и државните институции се разговараше за сличностите и разликите во пристапот кон реформите меѓу двете земји, како и за можна идна соработка со цел пренесување на искуства. Хрватските преставници посочија одредени препораки и насоки во однос на начинот на делување во спроведувањето на реформите пред пристапувањето, а се со цел неповторување на нивните грешки.

 

Граѓанските организации кои работат во полето на правосудството од Северна Македонија и Хрватска разговараа за вклученоста на истите во креирањето и следењето на реформите. Хрватските претставници истакнаа дека нивната земја има институционална рамка за соработка помеѓу невладините организации и државните институции и потенцираа дека граѓанските организации беа вклучени во работните групи кои работеа на законите.

 

Оваа беше втора студиска посета која ЕПИ ја организираше оваа година за претставници од институциите и организациите кои се занимаваат со правосудството. Пред средбите и размените на искуства со хрватските правници, македонските институции и организации одржаа средби со бугарските правници на почетокот на јуни. Поради пандемијата, двете студиски посети беа организирани вирутелно, преку платформата Зум.

 

Овие состаноци беа организирани во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика и Асоцијацијата ЗЕНИТ, а е финансиран од Европската Унија. Проектот има цел да придонесе за враќање на довербата на граѓаните во македонскиот правосуден сектор преку значително вклучување на граѓанското општество во суштински реформи. Крајни корисници на овој проект се институциите во областа на правосудството.

Comments are closed.