Конференција: Медијацијата е ефикасен начин за решавање на спорови и постигнување на вин-вин ситуација

Бројот на предметите кои се решаваат со медијација постојано расте. Минатата година, медијаторите прикажаа 1943 предмети во регистарот за евиденција на постапки за медијација. Од оваа бројка, 65 проценти или 1275 завршиле со спогодба. Медијацијата им заштедува и пари и време на граѓаните и компаниите, избегнувајќи долги и скапи судски спорови, а нуди и доверливост на постапката што е особено корисно за трговските и семејни спорови.

 

Ова беше истакнато на конференцијата „Медијација – за нова култура во решавањето на споровите“, организирана од Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, во соработка со Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Комората на медијатори на Република Северна Македонија и Холандската федерација на медијатори.

 

На конференцијата се истакна дека голем дел од чинителите и институциите се свесни за придобивките на медијацијата, но дека се уште има потреба за поголема афирмација на медијацијата како алтернативен начин за решавање на споровите.

Според прелиминарните резултати од анкетата спроведена на ЕПИ постои подготвеност од страна на многу од чинителите, како и упатување од страна на судиите, поголема прифатливост и од адвокатите, поголема свесност кај јавната администрација за потенцијалот што го нуди медијацијата. Сепак, според резултатите се нотира дека околу 40 проценти од испитаниците во јавната администрација и од бизнис секторот не се запознаени со медијацијата.

 

Сегашниот концепт за медијација имал забелешки од Европската комисија во извештајот за напредокот на земјава, што според говорниците ќе биде надминато со новиот Закон за медијација. Една од целите на новиот Закон за медијација е приближување кон практиките на земјите членки на ЕУ, каде во секоја ситуација на разрешување на конфликтни и спорни ситуации, акцентот се става на алтернативното решавање.

 

Медијацијата беше претставена како ефикасен начин за решавање и надминување на споровите со постигнување на взаемно прифатливо решение за двете страни, што се доживува како вин-вин ситуација, а кое истовремено е брзо и економично.

 

Сепак како главна забелешка и можност за работа во иднина беше издвоена потребата од поголема промоција на медијацијата како алтернативен начин на решавање на спорови и поголема запознаеност на граѓаните, компаниите и институциите со предностите на истата.

 

Конференцијата беше организира во рамки на проектот „Медијација, без дилема!“, кој Институтот за европска политика го спроведува во соработка со Академија за судии и јавни обвинители ,,Павел Шатев’’, Комора на медијатори на Република Северна Македонија и Холандска федерација на медијатори. Проектот е финансиран од Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.

Comments are closed.