Одбележан денот на Европска граѓанска правда: Расте бројот на предмети решени со медијација
Последниве две години во земјава има напредок во бројот на предмети решени со медијација. Комората на медијатори бележи над две илјади предмети за 2017/18 година што покажува дека напорот на медијаторите и поддршката од повеќе страни (Судскиот совет, Врховниот суд, Владата) може да донесе резултати, информираше членката на управниот одбор на ЕПИ, Малинка Ристевска Јорданова на одбележувањето на Европскиот ден на граѓанска правда на ЕПИ и Комората на медијатори на Република Северна Македонија.
На настанот „Медијацијата и бизнисот – бизнисот расте ако спорот се реши брзо“ се разговараше за развојот на медијацијата во Македонија, за придобвките од медијацијата за подобрување на сликата во судството, затоа што таа во европските агенди, како што кажа Ристевска Јорданова, е еден од клучните елементи и „еден од столбовите на кои се потпираат натамошните реформи во правосудтвото на ниво на Европа“.
– Затоа медијацијата е еден од елементите кои може значително да придонесе да се подобри воопшто сликата за реформите во судството, вели Ристевска.
Таа додаде дека неопходно е да се даде многу повеќе поддршка на медијацијата, посебно од страна на Владата, со цел, како што наведе, граѓаните и деловната заедница да ги осознаат придобивките од медијацијата и се повеќе да пристапуваат кон медијација како начин на решавање на споровите, а уште повеќе како придонес во градење на култура на доверба меѓу странките во едно општество.
Славе Младеновски од Комората на медијатори информираше дека основна интенција ќе им биде да станат членка на Меѓународниот институтот за медијација од Хаг, и на домашен терен да ја информираат јавноста што значи медијацијата.
– Насловот на денешната тема е „Бизнисот побрзо расте ако спорот се реши брзо“. Ако оваа порака стигне до граѓаните или правните субјекти, верувам дека ние ќе имаме помалку поделено општество, ќе имаме помалку конфликти а ќе имаме поголема соработка и партнерство меѓу сите нас, дополни Младеновски.