Членството на Р. Македонија во НАТО – придонес кон стабилноста и просперитетот на земјата

Дек 07, 2018

epiadmin

Новости

0

Денеска, Институтот за европска политика – Скопје (ЕПИ) во хотелот Холидеј Ин одржа дебатен настан и презентација на истражувања за пристапувањето на Македонија во НАТО, насловен „Помеѓу фактите и фикцијата – што ќе донесе пристапувањето на Македонија во НАТО?“. Панелисти на настанот беа заменичката на престедателот на Владата и министерка за одбрана на Република Македонија, г-а Радмила Шекеринска, г. Миле Бошков од Бизнис конфедерација на Македонија, вон. проф. д-р Југослав Ачковски од Воената академија „Генерал Михаило Апостолоски“, истражувачите од проектот м-р Тимурленк Чековиќ и г-а Ивана Велковска и директорката на ЕПИ, д-р Симонида Кацарска, како модераторка на настанот.

Во воведното обраќање, министерката за одбрана, г-а Радмила Шекеринска ја истакна важноста што овие истражувања доаѓаат од граѓанскиот сектор, бидејќи така се нуди перспектива која што е различна од онаа на институциите кои одблизу работат на процесот на интеграција во НАТО. Во своето излагање, таа потенцираше дека членството во НАТО и ЕУ се комплементарни активности и дека заедничкото влијание на овие интегративни процеси ќе влијаат врз подобрување на економскиот и политичкиот развој во Република Македонија.

Истражувачите м-р Чековиќ и м-р Велковска ги презентираа нивните истражувања за придобивките и ефектите кои Република Македонија би можела да ги очекува со пристапувањето во НАТО.

Истражувањето на м-р Чековиќ се фокусира на безбедносните и политичките придобивки од пристапувањето во НАТО. За таа цел, меѓу другите ефекти, анализирани се и придобивките од стапување во воен сојуз, односите на алијансата со Русија, а се анализира и влијанието на членството во НАТО врз подобрување на глобален индекс на мирот – ГПИ на нејзините членки. Во истражувањето се анализираат и безбедносните ризици за Република Македонија, од аспект на косовското безбедносно прашање и мигрантската криза.

Истражувачот доаѓа до наодот дека заштитата на безбедноста и мирот се едни од најважните причини поради кои Македонија треба да стапи во сојуз со други посилни држави и да ги црпи економските и безбедносните придобивки, особено земајќи ги предвид ризиците од непристапување. Покрај останатите показатели, ГПИ како корисна и методолошки издржана алатка за пресметка на безбедносен ризик на земјите, јасно покажува дека 15 земји-членки на НАТО се помеѓу првите 30 најдобро рангирани во светот според ГПИ.

Во истражувањето за економските придобивки и предизвици, на м-р Велковска е направена компаративна анализа на Албанија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Романија и Македонија, за утврдување на буџетските импликации, ефектот врз БДП и странските директни инвестиции (СДИ), како и индикатори кои се однесуваат на доброто владеење.

Според податоците од анализираните земји, се забележува просечно зголемување на БДП за 90% во периодот од пет години по влезот во НАТО, споредено со периодот од пет години пред влезот во НАТО и просечно зголемување на СДИ за дури 292%. Меѓутоа, не може да се тврди дека овие позитивни промени се директна последица на влезот во НАТО, бидејќи истовремено земјите поминуваат и низ интегративните процеси во Европската Унија и други засилени процеси на структурни реформи. Сепак, постоењето корелација помеѓу овие позитивни промени и членството во НАТО се охрабрувачки за една потенцијална земја-членка како Македонија.

Вон. проф. д-р Југослав Ачкоски, зборуваше за имплементираниот СИАРС проект, како значаен придонес за цивилниот сектор, кој овозможи пренос на медицински податоци од војниците на војното поле, што потоа ќе може да се искористи за цивилни потреби. Ачкоски исто така го истакна придонесот на НАТО за развојот на цивилниот сектор, како и важноста на членството во НАТО, особено за мали држави како Република Македонија, кои немаат големи одбранбени капацитети.

Г. Миле Бошков, истакна дека НАТО агендата, во смисла на бизнис заедницата, претставува бизнис агенда. Со пристапувањето во НАТО ќе се овозможи простор за вклучување на бизнис заедницата, која ќе може да ја опслужува побарувачката од НАТО. Сепак, тој порача дека дека бизнис заедницата во Република Македонија ќе мора посеризно да сфати дека се потребни поголеми подготовки за да може да го искористи овој потенцијал. Воедно, г. Бошков истакна дека НАТО обезбедува стабилност за водење на бизнис и развивање на економијата во земјата.

Во изјава за медиуми, директорката на ЕПИ, д-р Симонида Кацарска, истакна дека според искуствата на другите земји што пристапиле во НАТО во изминатите 10-ина години, она што може да очекуваме е зголемен развој и зголемен прилив на странски директни инвестиции. Сепак, треба да бидеме внимателни, бидејќи голем дел од тие очекувања и ефекти всушност ќе зависат од нас самите, од спроведувањето на домашните реформи и зависат од тоа дали ќе можеме да ги оспособиме домашното стопанство и економијата.

По презентацијата на истражувањата се отвори дебата во однос на придобивките и предизвиците од пристапувањето во НАТО. На настанот учество земаа странски претставници, претставници од институции, граѓански организации и претставници од универзитетите.

Настанот е организиран како дел од проектот „Граѓанска дебата за НАТО“, проект кој го спроведува Институтот за европска политика – Скопје, финансиран од Министерството за одбрана. Главната цел на проектот е да се придонесе кон пристапувањето во НАТО преку дебата базирана на докази и аргументи, која ќе го подобри разбирањето кај граѓаните за членството на Република Македонија во НАТО.

Нацрт-истражувањата се достапни на линкот: http://bit.ly/2G14IM4.

Post by epiadmin

Comments are closed.