ФРА: Потребни се системски промени за да се стави крај на насилството врз лицата со попреченост во институциите

Занемарувањето, злоупотребата и насилството врз лицата со попреченост кои живеат во институции се широко распространети низ ЕУ. Новиот извештај на Агенцијата за темелни права на Европската унија (Fundamental Rights Agency, FRA) покажува дека нормализирањето на насилството, пречките за пријавување злоупотреби и недостигот од ефикасен надзор ги поткопуваат правата на лицата со попреченост. FRA ги повикува земјите-членки на ЕУ итно да преземат мерки за спречување на насилството, заштита на жртвите и обезбедување одговорност на институциите.

Повеќе од 1,4 милиони лица со попреченост во ЕУ живеат во институции. Бидејќи Европската унија и земјите-членки не ги исполнуваат своите обврски за деинституционализација согласно Конвенцијата на Обединетите нации (ОН) за правата на лицата со попреченост (КПЛП), многу лица во такви установи се соочуваат со прекршувања на нивните основни права. Најновиот извештај на FRA, „Места на грижа = места на безбедност? Насилство врз лицата со попреченост во институциите“, покажува дека постојат сериозни празнини во заштитата и превенцијата од насилство, злоупотреба и занемарување.

Формите на насилство истакнати во извештајот вклучуваат викање и навреди, принудни третмани и прекумерна употреба на лекови, произволна употреба на средства за ограничување, трудова и финансиска експлоатација, како и физичко и сексуално насилство. Лицата со интелектуална попреченост, децата и постарите лица се изложени на поголем ризик од злоупотреба.

Насилството и злоупотребата во институциите се овозможени од постојан недостиг на персонал и ограничени ресурси. Многу жртви почнале да ја сметаат злоупотребата за нормална појава и не се запознаени со своите права и со каналите за пријавување злоупотреби. Ова создава постојани пречки и култура на молк и неказнивост.

За да се адресираат овие системски пропусти, FRA ги повикува земјите-членки на ЕУ да:

  • Ја прекинат институционализацијата и да го приоретизираат вклучувањето на лицата со попреченост во заедницата, согласно обврските на ЕУ и земјите-членки според член 19 од КПЛП на ОН.
  • Ја зајакнат заштитата од насилство. Да обезбедат усогласување на националните закони за институционална грижа со меѓународните и законските обврски на ЕУ. Да прибираат доверливи, споредливи и навремени податоци за подобро оценување на состојбата и за превенција, заштита и одговор на насилството во институциите.
  • Ги подобрат механизмите за мониторинг. Да обезбедат целосна независност на мониторинг телата и да се овозможат доволни ресурси за нив да извршуваат редовни, транспарентни и ненајавени посети на институциите. Европската комисија треба да ги суспендира и поврати средствата на ЕУ од институциите каде што се случуваат прекршоци.
  • Осигураат достапно пријавување. Да им обезбедат на жртвите пристап до безбедни и доверливи механизми за пријавување, без страв од одмазда и кои ефикасно ги штитат укажувачите.
  • Обезбедат упатства и обука. Да создадат практични упатства за тоа како ефективно да се превенира и реагира на насилство во институции. Да развијат задолжителна, мултидисциплинарна обука за персоналот во институциите, мониторинг тимовите, полицијата и судството.
  • Обезбедат целосно учество на лицата со попреченост и нивните претставнички организации во креирањето, спроведувањето и евалуацијата на политиките и програмите за насилство во институциите.

Цитат од директорката на FRA, Сирпа Раутио:

„Насилството врз лицата со попреченост во институциите е системски проблем кој бара системски промени. ЕУ и нејзините земји-членки мора да ги исполнат своите законски обврски и да ги заштитат основните права на лицата со попреченост, приоретизирајќи го нивното вклучување во заедницата, постапувајќи кон нив со достоинство и почит, и ефективно штитејќи ги од насилство и злоупотреба.“

Извештајот се заснова на истражување во 27 земји-членки на ЕУ и три земји-кандидати (Албанија, Северна Македонија и Србија), дополнето со интервјуа во 10 земји-членки на ЕУ (Хрватска, Германија, Ирска, Италија, Латвија, Малта, Полска, Португалија, Словачка и Словенија).

FRA претходно објави извештај за преминот од институциите кон животот во заедницата за лицата со попреченост и за  насилството врз деца со попреченост.

ЕПИ, како истражувачки парнтер од Северна Македонија на ФРА, даде свој придонес кон извештајот и го изработи посебниот извештај за Северна Македонија