Собранието како последен бастион за одбрана на човековите права

Авторка: Елена Кочоска, консултант за попреченост и човекови права

Конвенцијата за правата на лицата со попреченост (во понтамошен текст: Конвенцијата) претставува еден од најбрзо ратификуваните договори на Обединетите нации (во понатамошниот текст: ОН). Со неа државите-страни се обврзуваат на „целосно и ефикасно уживање на човековите права“ од страна на заедницата со попреченост без дискриминација и на еднаква основа со другите. Но ратификацијата е само првиот чекор. Она што ја претвора Конвенцијата во жив документ е парламентарната акција – интегрирана, постојана и отчетна. Следствено, собранието, како „куќа на демократијата“, треба да осигурува дека владините политики, законите и буџетите, како и нејзините актери навистина го рефлектираат духот и словото на Конвенцијата во пракса.

Улогата на парламентите во глобалниот екосистем на човекови права е одамна препознаена и од меѓународни тела. Статутот на Меѓупарламентарната унија (IPU), во член 1, став 2, точка (ц), посочува дека организацијата ќе „придонесува кон заштита и унапредување на човековите права, кои се универзални по својот опсег и чија почит е суштински фактор за парламентарната демократија и развој“. И Советот за човекови права незаостанува во таа линија, имено истиот има усвоено четири значајни резолуции во кои отворено се признава „критичната улога што ја играат парламентите во преточување на меѓународните обврски во национални политики и закони,“ како и нивниот придонес во исполнувањето на обврските за човекови права на секоја држава членка и зајакнување на владеењето на правото.

Од политичка обврска до практична реалност

Парламентот е законодавец – институцијата што треба ги кодифицира општествените вредности. Во таа своја задача неопходно е да направи: Преглед на постојното законодавство и Конвенцијата (на пр., дефиниции, процедури,и права). Следствено, да поднесува во континуитет амандмани за измени и дополнувања – од изборниот законик (осигурување пристапни избирачки места) до измени во законот за градежно земјиште (вградување на универзалниот дизајн), или законот за енергетика и секако да се иницира воспоставување на нови институции како на пример: независни тела за мониторинг на Конвенцијата, или формирање на Комисии за вистина за лицата со попреченост.

Во член 33 од Конвенцијата се надѕираат и дел од активностите кои Собранието ги има во својата надзорната улога, како на пример: Поставување на пратенички прашања до извршната власт (зошто стратегијата за инклузивно образование не е инклузивна?, зошто уште се инвестира во дневни центри, зошто лицата со попреченост не можат да го уживаат правото на независно живеење?); Формирање анкетни комисии (пример комисија за ревизија на институционалната заштита и процесот на деинситуционализација, комисија за ревизија на работата на Народниот Правобранител и/или Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, ревизија на договорите и партнерставта кои Владите ги склучуваат со различни меѓународни институции (ООН агенции, ЕУ, Светска Банка, СЗО) со чии инвестиции се прави комплетна повреда на правата од Конвенцијата); Разгледување годишни извештаи на пример на: националните мониторинг тела за заштита на човековите права, го разгледува ЕУ извештајот за напредокот на земјата, како и другите договори и извештаи од аспект и интерес на заедницата со попреченост.

Правата без ресурси се празни букви и убава емпатична сказка. Затоа, буџетот е „скриена политичка ДНК“ на секоја држава. Собранието има клучна улога во обезбедување на инклузивно буџетирање и фискална отчетност. Таа своја улога Собранието може да ја обезбеди на неколку начини. Првично, Собранието може да прифаќа или одбива на буџетски ставки за попреченост во секоја агенција и/ или министерство, вклучуваќи ја и Владата. Второ, Собранието може да поднесува амандмани за пренасочување на средства кон услуги базирани во заедницата. И трето, Собранието може да го следи извршувањето преку барање на квартални извештаи, ревизии на Државниот завод за ревизија, отварајќи тематски расправи и слиќно. Постои интересен припер од Република Ирска каде  парламентарните комисии организиираат „инклузивни буџетски сесии“ каде лицата со попреченост презентираат како кратењата на буџетските ставки  или непредвидувањето на буџетски ставки имаат влијание врз нивната независност, достоинство и самостојност.

Член 35 од Конвенцијата посочува и на периодични национални извештаи кои се доставуваат до Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост. Во тој контекст, Собранието треба да учествува во подготовката на државниот извештај, да испраќа своја собраниска делегација на дијалогот во Женева и секако да го следи спроведувањето на Заклучните согледувања – преку временска рамка, објавена на веб-страницата на Собранието. На пример во 2024 година, во Брисел, во Европскиот Парламент беа организирани тематски расправи за напредокот на Европска Унија пред своето појавување пред Комитетот за КПЛП во март 2025. Дополнително, преку IPU и регионални мрежи, пратениците имаат можност да разменат искуства со другите земји.

Северна Македонија, Собранието и Рамковниот договор

Постојат различни механизми за човекови права кои ги применуваат Собранијата. Покрај класичните работни тела (комисии), парламентите сè почесто креираат меѓу‑партиски групи како брз, флексибилен алат за надпартиска соработка. Таква е Интерпартиската група по прашањето на оневозможеност при Европски Парламент, како и Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост – ИППГ во Собранието на Република Северна Македонија. Овие групи се координирани и имаат секретаријат кој е раководен од организации на лица со попреченсот (ОЛП) следејќи го начелото „Ништо за нас без нас“. На ниво на Европска Унија како секретаријат се појавува  Европскиот форум по прашањето на попреченост, а во Северна Македонија до 2023 година координацијата ја водеше Полио Плус а од 2024 година кординацијата ја води ЗЕТА. За разлика од Европска Унија, каде организациите се финансиски поддржани од страна на Еворпската Комисија, работата на ИППГ во Северна Македонија е без финансиска поддршка од Владата.

Фото: Собрание на Република Северна Македонија

ИППГ за правата на лицата со попреченост како неформален механизам во овие изминати години на дејствување има постигнато доста скромни резултати.  Скромноста и не е за потценување, со оглед на тоа што овој неформален механизам бил и е инспирација за другите неформални групи кои започнуваат да се формираат во Собранието. За разлика од овие неформални групи кои се формирани во Собранието, оваа група е посебна. Причината не лежи во наводната „посебност“ на лицата со попреченост, туку во непотполното спроведување на Конвенцијата, кој бара длабока трансформација на општествената, политичката и културната свест за оневозможеноста. Неговата имплементација подразбира преземање одговорност и јасно признавање дека дури и „необезбеувањето на правото на пристапност претставува свесна политичка одлука и чин на отворен аблеизам“.

ИППГ како неформална група не само што има обврска да го мери секој збор и секоја норма Конвенцијата, туку истата паралелно треба да ја ревидира и работата на Собранието и на другите неформални групи и да наметне обврски да дури и членовите од неформалната група на пример за Берлинскиот процес го разгледуваат овој процес низ Конвенцијата. Дополнително секоја одлука и мислење на комисиите формално востановени во Собранието треба да бидат разгледани низ Конвенцијата.

Клучни достигнувања на ИППГ:

1.      По предлог на ИППГ, Собранието во 2003 г. усвои Декларација за заштита и унапредување на правата на лицата со хендикеп.
2.      По предлог на ИППГ, а со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, во 2006 година беше обезбедена поддршка на Парламентот за поставување на платформи, обезбедување на рампи како и обележување на паркинг места за лицата со попреченост
3.      Во 2006 по предлог на Полио Плус и членовите на ИППГ беше изработен системски закон за правата на лицата со хендикеп. Пратениците заедно со ОЛП одлучија да излезат на терен и да ја покренат првата граѓанска иницијатива за донесување на системски закон. На граѓанската иницијатива дадоа поддршка со официјални потписи 19.875 граѓани. Во 2006 г. Собранието по доставениот предлог-закон, акламативно ја изгласаа потребата од донесување на ваков закон.
4.      2010 и 2011 ИППГ активно лобираше и застапуваше преку кампањите „Конвенција сега“а издејствуваа ратификување на Конвенцијата без никакви резерви.
5.      Низ овие 22 години, ИППГ има поднесено повеќе од 150 иницијативи и амандмани.
6.      Во извештајот на ФРА за 2019, ИППГ е посочена како позитивен пример за соработка и механизам за промена на законодавството и промоција на обврските од Конвенцијата.
7.      Во 2019 г. на иницијатива на ИППГ беше изработена и акламативно изгласана Декларацијата за политичко учество на граѓаните со попреченост.

Гледано од аспект на учеството, сите центри на моќ вклучувајќи го и Собранието, кај нас, но и во светот, исклучиво се водени од заедницата без попреченост, што секако е спротивно на веќе прифатените обврски од Конвенцијата. Тоа, од друга страна, ја прави попроблематична и покомплицирана работата и на оваа група, која не само што треба да менува, туку и да едуцира. Едукацијата во изминативе години ИППГ ја прави не само меѓу колегите, туку и во сопствените редови и политички куалари посочувајќи на важноста и прифаќање на оневозможеноста како дел од човековата разноликост, но и дека сите политки и програми на самите партии но и во самото Собрание мора да бидат во согласност со Конвенцијата. Чунки, во срцето на човековите права лежи токму достоинството на човекот.

Што понатаму?

Силата на едно Собрание не се мери (само) по бројот на усвоени закони, туку по одговорот на прашањето – како тие закони реално им го подобруваат животот на граѓаните со и без попреченост?  Собранието има клучна улога во овој процес: тој не е бројач на гласови, туку генератор на општествени промени што треба да ги втемели принципите на Конвенцијата. Конвенцијата не бара козметички измени, туку сèопфатна општетсвена и културна трансформација: целосен премин кон пристап заснован на човекови права.

Собранијата, преку формални механизми како комисии, но и преку меѓу-партиски групи, можат да бидат вистински двигатели на човековите права. Моделот на ИППГ во Северна Македонија покажа дека кога постои политичка волја и внатрепартиска соработка, можат да се „ раздвижат“ кои би воделе кон промена.  Иако се подразбира дека секој пратеник треба да ги интегрира човековите права во својата работа, тежината и комплексноста на Конвенцијата изискуваат посветена парламентарна структура која би работела само со прашањата од овој договор и лицата со попреченост.  Само на тој начин ќе се обезбеди сигурност дека овие права навистина се во контунуитет на секоја дискусија и тема во Собранието.

На тој начин секој пратеник ќе стане чувар на правата, а секој граѓанин со и без попреченост ќе добие глас. Што би требало и да биде суштината на парламентот во 21. век – дом на инклзивна еднаквост.  Дополнително со формална Комисија за спроведување на Конвенцијата, Собранието може да ја предводи културната и општествената трансформација што ја бара Конвенцијата и да придонесе да се донесат закони кои ќе водат кон независен и достоинствен живот за сите граѓани со и без попреченост.


Овој блог е напишан во рамки на проектот „Заедничка акција за човекови права“ кој го спроведува ЕПИ, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е унапредување на промоцијата и заштитата на човековите права во Северна Македонија преку поддршка на парламентарниот ангажман и граѓанските организации кои работат во оваа област.