Авторка: Наташа Бошкова
Во Северна Македонија 60% од жените сметаат дека насилството врз жените е вообичаено, а речиси три од десет жени сметаат дека тоа е многу честа појава. Семејното насилство врз жените е образец на однесување преку кое се контролира интимниот или поранешниот партнер, а вклучува, но не е ограничено, на физичко и сексуално насилство, емоционална злоупотреба, изолација и економска злоупотреба, закана, заплашување и демнење. Во Северна Македонија три пати повеќе жени, споредено со просекот во земјите на ЕУ, сметаат дека семејното насилство е приватна работа што треба да остане во семејството. Ваквиот став во комбинација со отсуството на знаење (но и отсуството на доволно сервиси) за постоечките специјализирани услуги за заштита на жртви на семејно насилство, резултира со сериозни повреди на човековите права на жените. Според последната анализа на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Скопје, во повеќе од 80% од случаите, иако постоело насилство за кое подоцна во постапката сведочеле и блиски роднини на жртвата, ниедна од 14 убиени жени не го пријавила насилството што го преживувала во надлежните институции.
Заштита во законот
По ратификацијата на Истанбулската конвенција во 2017 година, државата ја демонстрираше својата определба за подобрување на правната рамка за заштита на жртвите на родово базирано насилство преку донесување на сеопфатниот Закон за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство (2021) и измени на Кривичниот законик (2023). Дотогаш, законската рамка и институциите се занимаваа исклучиво со проблемот на семејно насилство како родово неутрален проблем, додека сите бројки и анализи го потврдуваа спротивното.
Новата законска рамка го прошири опфатот на заштита на жртвите на родово базирано насилство, во кои влегуваат и жртвите на семејно насилство. Забранети се дејствија кои дотогаш не биле препознаени во правна пракса, како на пример, демнењето, или пак, се промени начинот на кој се дефинираат и регулираат одредени кривични дела. Така на пример, измените на Кривичниот законик, го дефинираат силувањето како акт на отсуство на согласност на страна на жртвата, независно дали постои видлив отпор од нејзина страна. Ваквите реформски одредби бараат добро познавање на причините, но и последиците од насилството, разбирање на динамиката на моќ во општеството, за да се разбере и духот во кои овие одредби треба да се применуваат.
Како што Групата на експерти на Совет на Европа (ГРЕВИО) во основниот извештај за нашата држава констатираше, “традиционалните верувања претставуваат сериозен предизвик за справување со насилството врз жените во Северна Македонија, а овие верувања преовладуваат и кај оние кои треба да ги заштитуваат жртвите на насилство врз жените и семејно насилство, што води до недоволна институционална реакција на пријавите за насилство.” Потребна е обука за професионалци во сите релевантни институции со цел да се зголеми нивното познавање на новитетите во законите и нивна примена во согласност со Истанбулската конвенција. И по неколку години од донесувањето, операционализацијата на овие закони се соочува со предизвици, бидејќи сè уште има подзаконски акти што не се донесени или се донесени неодамна, но не ги дале очекуваните резултати. Справувањето со родово-базираното насилство е долгорочен и координиран процес кој, покрај законска рамка, бара силен институционален апарат кој ќе биде фокусиран на превенција, а во случај на насилство, ќе спроведе брз и ефикасен одговор за заштита на жртвите и санкционирање на сторителите.
Во 2024 година, Министерството за социјална политика, демографија и млади ја финализираше Евалуацијата на Акцискиот план за спроведување на Конвенцијата против насилство врз жените и семејно насилство во Република Македонија 2018–2023. Главните наоди покажуваат дека е потребно поголема посветеност и одвојување на финансиски средства за воспоставувањето на услуги за заштита на жртвите, како и активности за превенција на насилството врз жените и семејното насилство.
Во Извештајот за основната евалуација за Северна Македонија, ГРЕВИО потенцира дека фрагментацијата на административните податоци кои ги собираат различни државни институции не овозможува целосна слика за родово базираното насилство врз жените и семејното насилство, а со тоа се оневозможува соодветен и координиран одговор на проблемот. Во 2024 година, Министерството за социјална политика, демографија и млади заедно со Министерството за здравство и Министерството за внатрешни работи работеа на нацрт-текстот на Правилникот за формата, содржината и начинот на интегрирано собирање на статистички и административни податоци за состојбата со родово базираното насилство врз жените и семејното насилство, кој сè уште не е финализиран. Бавното комплетирање на правната рамка за превенција и заштита од родово-базирано насилство, вклучително и распределба на доволно финансиски средства за исполнување на обврски на институциите, влијае на слабиот одговор на државата во справување со овој сериозен проблем.
Пристапот до правда на жртвите на родово-базирано насилство подразбира и надомест, репарација за претрпената траума и можност за реинтеграција во општеството. Донесувањето на Законот за паричен надоместок на жртвите на кривични дела со насилство во 2022 година, започна со примена по формирањето Комисија за паричен надоместок на жртви од кривично дело со насилство во март 2024 година. Примената на овој закон, чиј ефект сé уште не го гледаме, е особено значаен за сеопфатна и целосна заштита на жртвите на родово-базирано насилство.
Заштита во пракса
Домашната правна рамка за заштита на жените жртви на насилство во голема мера е усогласена со меѓународните стандарди во оваа област. Сепак, ефективноста на правната рамка најдобро може да се процени преку континуирано следење на спроведувањето од страна на различни институции и нивниот придонес кон превенцијата на насилството, но и соодветна и ефикасна заштита и обезбедување правичен надоместок на жртвите. Поконкретно, податоците кои се прибрани во текот на 2024 година и анализирани подолу даваат појасна слика за положбата на жртвите на родово-базирано насилство, вклучувајќи го и семејното насилство во кривичната постапка.
Агенцијата на ЕУ за фундаментални права (FRA), преку анализа на заштитата на жените жртви на насилство низ земјите-членки на ЕУ,[1] дава свој придонес кон Извештајот за фундаментални права. Со поддршка на локални експерти, во периодот јануари – септември 2024 година беа собрани податоци од Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите низ државата за бројот на случаи, водени постапки и изречени пресуди за случаи на родово-базирано насилство врз жени, вклучувајќи го и семејното насилство.
Според Министерството за внатрешни работи, во периодот јануари-јуни 2024 година биле пријавени 528 дела од семејно и родово базирано насилство, од кои во 443 случаи (84%) жртвата била жена. Најчесто пријавувани дела се телесна повреда (317) и загрозување на сигурноста (194). Во 13 случаи жртвите пријавиле тешка телесна повреда, две биле случаи на убиство, и еден случај на обид за убиство. Достапните податоци не даваат детален увид дали пријавените дела биле насилство овозможено преку технологија или специфично расчленети податоци за статусот на жртвата и евентуалното пресекување на повеќе идентитетски карактеристики кои придонесуваат кон зголемена ранливост на насилство.
Според информациите добиени од единаесет јавни обвинителства од целата држава, вкупно 323 случаи на родово базирано насилство биле пријавени во 2024 година (1 јануари -30 септември). Во поголемиот дел од случаите, насилството било пријавено од жртвата директно во полицијата, а полицијата го информирала обвинителството. Во неколку случаи, насилството било пријавено од трето лице, адвокатот на жртвата, а во еден случај судот го известил обвинителството за насилството. Во однос на учеството на жртвите во кривичната постапка, од 288 пријавени случаи до деветте јавни обвинителства, 80 жени дале изјави пред обвинителството, а само 15 жртви дале изјави во присуство на адвокат. За илустрација, пред основното јавно обвинителство во Гевгелија, сите жртви (100%) биле без полномошник. Според посебниот статус на жртвите, секоја жртва на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку четири години има право на правен советник финансиран од државниот буџет. Податоците од обвинителствата покажуваат дека жртвите пријавиле кривични дела за кои е предвидена пониска казна затвор, па затоа не биле подобни за бесплатна правна помош во таа фаза од постапката. Законот за бесплатна правна помош, исто така, ја исклучува можноста за правно застапување на жртви во кривичната постапка, оставајќи ги жртвите незаштитени и без соодветна информација за своите права.
Во однос на социјалната структура на жртвите, само едно обвинителство – Кавадарци – пријавило дека 100% од жртвите се жени. Сите други обвинителства пријавиле дека, во просек, 80–87% од жртвите се жени, а останатите се мажи. Седум обвинителства обезбедиле податоци и по други основи покрај полот, од кои шест пријавиле податоци по етничка припадност на жртвите (Македонци, Роми, Албанци и Турци), а шест пријавиле податоци за старосната група на жртвите. Не беа добиени податоци за попреченост, сексуална ориентација, родов идентитет или други карактеристики на жртвите.
Податоци за случаи на родово базирано насилство беа побарани и од 26 основни судови во земјата. Одговори беа добиени од 14 судови и сите известија за случаи на семејно насилство, односно во ниту еден суд во анализираниот период не се водела постапка за родово-базирано насилство врз жени, а да не е извршено во контекст на семејно насилство.
Во 172 кривични судски постапки, во 14 судови, само 17 жртви учествувале како сведоци во постапката, а само 6 дале исказ во присуство на адвокат. На пример, Основниот суд во Кичево пријавил дека ниту една жртва не учествувала како сведок и немала полномошник во кривичната постапка.
Податоците од судовите се во иста линија со податоците од обвинителствата во однос на отсуството на полномошник на жртвите, недостиг на процесна заштита за жртвите за време на судската постапка и трендот на повлекување на жртвите од постапката, во 22–37% од случаите. Кривичниот законик предвидува дека за кривичното дело телесна повреда, најчесто пријавувано дело од страна на жените жртви, постапката се води по предлог на жртвата. Во пракса, полицијата, обвинителството или судот ја прекинуваат постапката ако жртвата се повлече од гонењето на постапката. Податоците во анализата покажуваат дека околу 20% од жртвите се повлекуваат од постапката против сторителот пред обвинителството, а во градовите каде што најголем дел од жртвите се Албанки, процентот на повлекување е 50% во Гостивар и 56% во Струга. Измените на Кривичниот законик од февруари 2023 не воведоа гонење по службена должност за најчестиот вид кривично дело, телесна повреда, оставајќи ја постапката зависна од волјата на жртвата. Додека го пишувам овој текст, Владата предлага измена во Кривичниот законик со која во иднина телесната повреда извршена во контекст на семејно насилство ќе се гони по службена должност.
Пресудите за случаите кои завршиле во 2024 година не покажуваат напредок во примената на целосниот опсег на можни казни од страна на судиите. Во 60% од одлуките судот изрекол условна казна со пробен рок. Загрижува фактот што во еден суд четири од седум постапки завршиле со помирување помеѓу жртвата, која немала полномошник во постапката, и сторителот. Ова укажува на недостиг на знаење кај судиите за стандардите утврдени со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство и Истанбулската конвенција, особено оние што бараат разбирање на динамиката на насилството и последиците од помирувањето и алтернативните санкции, како индивидуален лек за жртвите, но, и како општа превентивна мерка.
На крај, пристапот до правда за жртвите на родово базирано насилство подразбира санкционирање на сторителот со ефективна, соодветна и одвраќачка казна, како и наметнување на обврска за обесштетување на жртвата. Анализата покажуваат дека кривичните судови не успеале да обезбедат ефективна правна заштита, дури и во случаите кога утврдиле вина кај сторителот и изрекле санкцијаи, поради фактот што не наложиле обесштетување на жртвите од страна на сторителот. Сите судови кои во текот на кривичната постапка примиле барање за штета од страна на жртвите, ги упатиле ова право да ги остварат во граѓанска постапка. Ваквата пракса придонесува за дополнителна виктимизација на жртвите и соочување со сторителот во текот на граѓанската постапка, која исто така, претставува непотребно финансиско оптоварување за жртвата.
Следни чекори
Несомнен е исчекорот во унапредувањето на правната рамка за заштита на жените жртви на родово базирано насилство во Северна Македонија, но, реалноста покажува дека ефективната заштита останува недостапна за голем број жени. Недостатокот од координиран институционален одговор, недоволната финансиска поддршка за операционализирањето на законската рамка, нецелосната имплементација на законите и ограничениот пристап до бесплатна правна помош за жртвите на родово-базирано насилство резултираат со нецелосна заштита, недоволна поддршка и продолжена виктимизација на жртвите. Наодите од анализата укажуваат на потребата од преземање неколку итни чекори со цел подобрување на заштитата на жените од родово-базирано насилство.
Операционализација на законската рамка. Усвојување и доследна примена на сите подзаконски акти поврзани со операционализацијата на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Следење на примената на одредбите од Кривичниот законик со фокус на измените кои ги препознаваат и санкционираат новите форми на родово-базирано насилство.
Континуирана обука на професионалци. Обука на професионалците кои се во првите редови во одговорот против родово-базираното насилство, како што се полиција, обвинители, судии и социјални работници, се клучни во обезбедување на ефикасна заштита заснова на правата и потребите на жртвите.
Пристап до правда и правна помош. Обезбедување на бесплатна правна помош на жртвите на родово-базирано насилство во сите фази на постапката. Воспоставување на значајна судска пракса за доделување на надомест на штета на жртвите во кривичната постапка и силен механизми за доделување на надомест на штета на жртвите доколку не можат да ја наплатат од сторителите.
Подобрување на собирањето и анализа на податоци. Усвојување на Правилникот за интегрирано прибирање на статистички и административни податоци за родово-базирано насилство и воспоставување на систем за редовно собирање и анализа на податоците од страна на клучните институции со цел добивање на навремени и веродостојни информации за состојбата со родово-базираното насилство, вклучувајќи ја и состојбата со ранливите жени.
[1] Во анализата се вклучени и Северна Македонија, Албанија и Србија.
Овој блог е напишан во рамки на проектот „Заедничка акција за човекови права“ кој го спроведува ЕПИ, а е финансиран од Европската Унија. Целта на проектот е унапредување на промоцијата и заштитата на човековите права во Северна Македонија преку поддршка на парламентарниот ангажман и граѓанските организации кои работат во оваа област.