Дебата: Потребни се реформи дома за приближување кон ЕУ

Северна Македонија треба да направи напори да ги заврши реформите во земјава за да може да стане членка на ЕУ. Ова беше заклучокот на дебатниот настан „Новите геополитички случувања и влијанието врз Северна Македонија“ кој се одржа вчера во Скопје со граѓаните од Скопскиот регион.

 

Граѓаните, сепак, забележуваат и на блокадите со кои земјава се соочи на патот за членство од нашите соседи и сметаат дека тие придонесуваат за раст на евроскептицизмот и предизвикуваат разочарување.

 

По дискусијата помеѓу граѓаните, тие составија прашања кои ги поставија на панелот составен од министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, професорот од Правниот факултет „Јустинијан Први“ Ненад Марковиќ и деканката на Правниот факултет при Меѓународниот универзитет „Визион“ Весна Попоска.

Тие истакнаа дека е важно земјава да се најде на масата со останатите земји кога се одлучува иднината на контитентот, за да може и нашиот глас да биде слушнат. Во дискусијата со експертите исто така беше истакнато дека треба да се искористи геополитичкиот момент од војната во Украина и отворената врата од ЕУ за да се направат потребните реформи дома со цел да се напредува кон полноправно членство во Унијата.

 

Ова беше третиот дебатен настан во рамките на проектот „Поттикнување анализа на политики и јавна дебата“ кој Институтот за европска политика – ЕПИ го реализира со поддршка на Националната фондација за демократија од САД. Дискусијата во Скопје, заедно со останатите дебатни настани кои се одржаа во Тетово и Битола, ќе биде основа за организирање на Националната дебатна анкета во 2024 година.

Comments are closed.